Ардерн и Морисон

Новозеландската премиерка Џасинда Ардерн го обвини нејзиниот австралиски колега, Скот Морисон, поради откажувањето на државјанството на жена која наводно се приклучила на Исламската држава во Сирија, пренесува „Гардијан“.

Жената, која има двојно државјанство, австралиско и новозеландско, била приведена во Сирија заедно со нејзините две деца, по заземањето на последната територија на Исламската Држава (ИД) од страна на силите поддржани од САД во 2019 година.

Ардерн изјави дека побарала од Морисон двете земји заеднички да работат на случајот. Жената прво живеела во Нов Зеланд, а потоа заминала во Австралија, каде што добила државјанство, па заминала во Сирија со австралиски пасош. Жената и нејзините деца биле уапсени откако нелегално влегле во Турција.

– Наместо заеднички да работиме на случајот, бев известена дека државјанството на жената ѝ е откажано – вели Ардерн.

Турските власти тврдат дека уапсената е терорист на ИД со новозеландско државјанство. Морисон ја бранеше одлуката за одземање на австралиското државјанство, со оправдување дека неговата работа е да ги стави на прво место интересите на националната безбедност на Австралија.

– Според законот кој беше донесен од нашиот парламент, автоматски се поништува државјанството на секој двоен државјанин доколку тој бил вклучен во терористички активности. Терористи и членови на терористички организации не можат да уживаат привилегии на државјанство, а го губатат државјанството истиот момент кога ќе стапат во активности против нашата земја – изјави Морисон.

Властите на Австралија досега го откажаа државјанството на околу 17 луѓе, кои наводно заминале во Сирија за да се приклучат на ИД. Министерството за внатрешни работи одби да даде ажурирани бројки за вкупниот број на оние на кои им е откажано австралиското државјанство по притвор во Сирија.