Основачот на „Википедија“, Лари Сангер, ги повика корисниците на социјалните мрежи да направат 48-часовна пауза од своите телефони и апликации во обид да се воспостави поголема контрола врз личните податоци на корисниците. Во својот повик за акција, Сангер вели дека овој т.н. штрајк ќе покаже колкава е потребата за промени.

Сепак, многумина се запрашаа колкав ефект ќе има овој штрајк. Оние кои ќе земат учество во штрајкот, ќе ги избегнуваат социјалните мрежи со цел да покажат колку голема загуба би имале платформите.

– Ќе направиме галама. Сите заедно ќе стиснеме тупаници и повторно ќе ја преземеме контролата врз нашите лични податоци и нашата приватност од овие гигантски и манипулативни корпорации – објави Сангер на својот блог.

Тој вели дека колку поголем број на корисници се приклучат кон оваа инцијатива, толку појасно ќе биде прикажано незадоволството од страна на самите корисници во однос на актуелната ситуација.

Сангер се надева дека штрајкот ќе иницира промени во големите социјални мрежи кои би ја пренасочиле контролата над личните податоци токму кај корисниците на мрежите.