Хусаин Рашид, за кој се претпоставува дека е припадник на групата Исламска држава (ИГД), е обвинет во Велика Британија дека направил интернет „алатка за тероризам“ преку која поттикнувал на напади, меѓу другите и врз четиригодишниот принц Џорџ.  

Рашид (32) го водеше он-лајн  каналот „Осамениот муџахедин“, преку кој, според обвинителката Анабел Дерло, охрабрувал напади врз различни цели, вклучувајќи и вбризгување отров во сладоледи во супермаркети и напад врз принцот Џорџ во неговото училиште.

Обвнителите велат дека на една објава на Рашид на социјалните мрежи се наоѓа фотографија на принцот, адресата на неговото училиште, силуета на џихадист и порака „дури ни кралското семејство нема да биде оставено на мир“.

Рашид негира дека подготвувал терористички напади, дека поттикнувал тероризам и ширел терористички публикации. Се очекува судењето да трае шест недели.