Поранешниот водач на терористичката организација Ал Каеда, Осама бин Ладен, наводно им забранил на своите следбеници да го убијат американскиот претседатеч Џо Бајден.

Во времето кога беше потпретседател на САД, го сметаше за ненадлежен за работа и веруваше дека ќе ги доведе САД во криза, ако џихадистите успеат да го убијат поранешниот шеф на Белата куќа, Барак Обама.

Според „Дејли Меил“, Бин Ладен наводно ја дал оваа наредба во 2010 година, а тоа било откриено во писмо меѓу документите во пакистанското засолниште, каде што беше убиен од американските специјалци во 2011 година.

Документот беше објавен во 2012 година, но сега повторно е во центарот на вниманието и доби важност по хаотичното повлекување на САД од Авганистан, како резултат на што талибанците ја презедоа власта, додава британскиот весник.

Бин Ладен му напишал порака од 48 страници на помошникот, идентификуван како „Брат Шајк Махмуд“, чие вистинско име е Атија Абд ал Рахман.

На страницата 36, Осама изразил желба да формира два тима убијци – едниот во Пакистан, другиот во Авганистан – чија цел ќе биде напад врз Барак Обама, или поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус, доколку влезат во една од двете земји.

Објаснувајќи зошто сака да го нападне Обама, Бин Ладен навел дека “Обама е глава на неверниците и со неговото убиство, Бајден автоматски ќе стане претседател. Но, Бајден е тотално неподготвен за таа позиција, тој ќе ги доведе САД во криза”.

„ Што се однесува до Петреус, неговото убиство би го променило исходот на војната“, наводно напишал Бин Ладен.