Откриени детали за атентатот на водечкиот ирански научник

Додека автомобилот на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Факризаде се доближувал кон булевар во регионот Дамаванд, оддалечен околу 60 километри од Техеран, автоматска пушка управувана со далечински управувач отворила оган од камионет паркиран во близина. Во возилото имало и експлозиви кои исто така биле активирани со далечински управувач. Напаѓачите потоа отвориле оган, според Ферејдун Абаси-Давани, нуклеарниот научник кој преживеал атентат во 2010 година. Набргу се јавија информации дека имало и до 12 напаѓачи, како и притаени снајперисти, „пишува Фајненшл тајмс“.

Иран го обвини Израел за атентатот на Факризаде. Нападот ги зголеми тензиите во осетлив период кога американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да му ја отстапи функцијата на Џо Бајден, кој пак, треба да ги обнови разговорите меѓу Иран и светските сили за нуклерниот договор од 2015 година. Трамп се откажа од историската спогодба во 2018 година и воведе жестоки санкции врз Иран. Помеѓу 2010 и 2012 барем четворица ирански нуклеарни научници беа убиени во Техеран.

Не е познато многу за Факризаде кој беше водечкиот човек на Огранизацијата за одбранбена иновација и истражување во иранското министерство за одбрана. Можат да се најдат неколку фотографии во иранските медиуми и одредени записи од јавни говори. Во мај 2018 година, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го посочи Гакризаде како главен управувач на иранската програма за нуклеарно оружје, кажувајќи им на медиумите „ запаметете го ова име“.

Кој и да го извршил нападот, имал „кратко време за да ја ослаби иранската нуклеарна програма и за да го убеди Бајден оти не би требал да се враќа на договорот кога ќе стане претседател“, вели израелскиот генерал во пензија Јуси Купервасер.

Иако беше влијателен, смртта на Факризаде не се очекува да и нанесе штета на иранската нуклеарна програма, според извори од Иран кои зборуваа за „Фајненшл тајмс“.

 – Ова нема да ги промени стратешките планови на иран, бидејќи Иран веќе не е во ситуација во која еден човек претставува „татко“ на нашата нуклеарна програма. Овие сектори сега се институционализирани – вели изворот.

Многумина во Иран, сепак, беа шокирани од атентатот кој го преживеа сопругата на Фахризаде.

– Ако беа присутни 12 напаѓачи, уште колкумина други беа вклучени во акцијата? Тие не дошле од Месечината. Би морале да бидат дел од систем на кој му се достапни чувствителни информации. Каде беа иранските разузнавачки служби? Зошто Фахризаде не беше во блиндиран автомобил – се прашува 62-годишниот Иранец Али, кој даде изјава за „Фајненшл тајмс“.