Наместо театар, треба да се започне со попосветена дискусија за ужасниот факт дека беспоштедното бомбардирање со конвенционална артилерија и бомби секојдневно убива повеќе сириски цивили отколку хемиското оружје. Сите тие силни војски со своите напади предизвикаа стотици илјади цивилни жртви. Тогаш, ако се има предвид ова, се поставува прашањето зошто стотиците илјади цивилни жртви на конвенционалното оружје се сметаат за помалку „морално дискутабилни“ од оние што се убиени при хемиски напади

На 7 април, слики и видеоснимки од десетици мртви сириски деца и возрасни, со пена на устата, или повредени луѓе што се борат да земат здив, кружеа низ светот. „Напад со хемиско оружје“, насочен кон бунтовничкото предградие на Дума, источно од Дамаск, наводно предизвика најмалку 42 жртви и 500 повредени, иако некои извори тврдат дека имало 70 или повеќе жртви. Центарот за документирање насилства, односно мониторинг-групата за човекови права, објави временски тајмлајн на настаните од 7 април. Сѐ започна напладне со теледиригирана ракета истрелана врз центарот на Црвената полумесечина во Дума, со што беа уништени и последните употребливи амбулантни возила. Потоа во 16 часот, воздушниот напад го изведе првиот хемиски удар во близината на фурната „Саада“. (Фурните се популарни цели, бидејќи тие ги снабдуваат цивилите со храна.) Нападот наводно предизвикал помеѓу 15 и 25 жртви со смртни последици, особено кај семејствата во затворени простори (авионски засолништа или подруми), кои се онесвестиле или починале од задушување од акумулираните гасови со кои бил заситен воздухот.

Се појави и едно крајно вознемирувачко видео, кое прикажа „стуткани трупови на цели семејства, вклучувајќи и неколку мртви бебиња, од чии усти и носеви излегува пена“. Вториот напад се случи во 19.30, околу Плоштадот на мачениците. Со нападот, според процените, беа убиени уште 20 луѓе и повредени нови 500, кои беа донесени во локалниот медицински центар. Некои од спасувачите, кои се обидуваа да им помогнат на преживеаните, исто така почувствуваа тешкотии во врска со дишењето. Како што изјавија некои од спасителите, „жртвите на нападот смрделе на хлор“. Два сириски владини транспортни хеликоптери „ми-8 хип“ биле детектирани над областа за време на нападот, од страна на една група за мониторинг на воздухопловство. Претходно, хеликоптерите „ми-8“ биле забележани како исфрлаат димни канистри со хлор на целите со бунтовници, кои при ударот во земјата испуштаат зеленикаво-жолт гас. Дополнително, два жолти канистри за распрскување на гасот хлор беа забележани од повеќе извори на местото на нападот врз Дума. Неколку од цивилните жртви и двата канистри се лоцирани во истражниот извештај на Белингкет (британски граѓанско-новинарски веб-сајт). Таму се тврди дека истражувањата на самото место „нудат докази за употреба на хлор во нападите“.

Некои искуства за употребата на хемиско оружје на бојно поле

Хлорниот гас беше првото смртоносно хемиско оружје што наиде на широка употреба на современото бојно поле, кога германските сили употребија гас против француските колонијални трупи во втората битка за Ипер за време на Првата светска војна. Хлорот како оружје беше инициран по предлог на тогашниот иден нобеловец, хемичарот Фриз Хабер; набргу по битката, неговата сопруга Клара Имервар, која беше пацифистка, изврши самоубиство во знак на протест. Гасот ги иритира белите дробови, полнејќи ги со течности, отежнувајќи го така дишењето и водејќи до можно задушување. Хлорот исто така се спојува со водата во очите и белите дробови, создавајќи хлороводородна киселина, предизвикувајќи потенцијално слепило и трајно оштетување на дишните органи.
Сепак, хлорот многу повеќе штети одошто убива, бидејќи се потребни релативно високи концентрации (19.000 милиграми на кубен метар) и долготрајна изложеност за да се постигне смртоносен ефект – тоа е обично во услови кога жртвите се неподвижни (заспани или повредени) или оние на ниски приземја и затворени простори. Притоа, децата и постарите лица се поподложни од возрасните.

Во Првата светска војна, сите завојувани страни брзо прибегнаа кон употреба на контрамерки, како гас-маски против хлоров гас, продолжувајќи со посмртоносно хемиско оружје. Нервните агенси, првпат развиени од нацистите во Втората светска војна, се драматично пофатални од хлорот – само 35 милиграми сарин на кубен метар е убиствена алатка. Се проценува дека повеќе од 1.000 Сиријци беа убиени во 2013 година во Гута во само еден напад со гасот сарин.
Од 2012 наваму, сириските воени хеликоптери „систематски и повеќепати“ (според Организацијата за забрана на хемиско оружје) распрскуваат хлоров гас во градовите контролирани од бунтовниците и урбаните населби; досега, според нив, биле регистрирани повеќе од 20 вакви напади. Исто така, ИСИС употреби хлор и боен отров (иперит) во Ирак и во Сирија, а група од сириски бунтовници беше вмешана во напад со хлоров гас врз една курдска заедница.

Како и да е, нападите со хлор добија релативно слаба меѓународна осуда, бидејќи хлорот е вообичаена индустриска хемикалија, со голем број корисни начини на употреба, кои не може постојано да се регулираат, но и затоа што, за разлика од нервните гасови или фосгенот, хлорот има релативно ниска стапка на смртност. На пример, хеликоптерскиот напад со хлорни бомби во Зубдија, во северниот дел од Алепо на 10 август 2016 година, повреди околу 70 луѓе (од кои 40 беа деца) и уби 4 (вклучувајќи и мајка со две бебиња). Во многу други напади со хлор беа повредени десетици луѓе, но епилогот на усмртени цивили се движеше „само“ во рамките на едноцифрена бројка или дури ниту еден.

Што се случи во Дума?

Ако се тргне од информацијата дека вистина постоеле голем број жртви во нападот на Дума, тоа индицира на дека, освен хлор, се користеле и други хемиски агенси. Зошто? Затоа што додека хлорот и саринот поединечно доведуваат до респираторни проблеми (симптоми што се манифестираа кај некои од жртвите во Дума – грчеви, пена на устата, проширени зеници) – ги доведоа лекарите до заклучок дека некој друг летален агенс (пр. саринот) или некој друг нервен агенс бил комбиниран со хлорот, кој генерално е несмртоносен. За ова, на рака им оди и фактот што хлорот мириса препознатливо, а саринот нема никаков мирис. Едно од можните објаснувања е дека хлорот имал за задача да го маскира постоењето на некој нервен агенс, кој, за разлика од хлорот, се смета за оружје за масовно уништување. Од друга страна, хемиското оружје можеби било употребено во комбинација за да се зголемат штетните ефекти од нападот; само како пример во нападот на курдското село Халабџа од 1988-та, Садам Хусеин употреби заедно иперит и нервни гасови (сарин и табун), кои убија помеѓу 3 и 5 илјади луѓе.

Еден ден по хемискиот напад, бунтовниците во Дума се предадоа и областа падна под контрола на сириската влада. По тоа, Русија тврдеше дека нејзините истражители не нашле знаци на хемиски напад на таа локација.
Москва и Дамаск „инсистираа на фактот дека бунтовниците го инсценираа или измислија нападот“ – тврдење што двата сојузника цврсто го бранат во однос на тие инциденти. Нивниот став е дека цивилите од бунтовничката територија постојано самите си инсценираат напади за да добијат меѓународно одобрување. Соодветно на ова, руските официјални лица навестуваат дека мртвите и повредените, кои се грчат во агонија на видеата – се обични глумци.

Што треба да се стори што побргу?

Наместо ваков театар, треба да се започне со поискрена дискусија за ужасниот факт дека беспоштедното бомбардирање со конвенционална артилерија и бомби секојдневно убива повеќе сириски цивили отколку хемиското оружје. И американските и руските и турските и сите други напади предизвикаа стотици илјади цивилни жртви. Имајќи го предвид сето ова, се поставува прашањето зошто стотиците илјади цивилни жртви на конвенционалното оружје се сметаат за помалку „морално дискутабилни“ од оние што се убиени при хемиски напади. Точно е дека најголемиот проблем останува оној со непридржувањето кон генералниот меѓународен консензус за неупотреба на хемиско оружје, како што е утврдено со Женевскиот протокол од 1925-та и со Конвенцијата за хемиско оружје од 1993-та. Овој нашироко признаен систем за контрола на оружје ослабна откако сириската влада повторно почна да ги труе со гас своите сопствени граѓани, и покрај тоа што во 2013 година ја потпиша Конвенцијата за хемиско оружје. Западните земји веќе одлучија да ја игнорираат честата употреба на канистри со хлор на сириската армија, насочена кон општините под контрола на бунтовниците. Сепак, со оглед на фактот дека симптомите и бројот на жртви во Дума наведуваат на употреба на повеќе смртоносни хемиски агенси од оние од кои наводно се ослободи сириската влада пред неколку години, на новите насилства не треба да им се прогледа низ прсти.

Во статијата се користени ставови на Себастиен Роблин, експерт за решавање конфликти од универзитетот „Џорџтаун“