Сојузната држава Колорадо во САД повторно се соочува со оружен напад во училиште, откако ученик пукаше во група на луѓе во средното училиште „СТЕМ Халјандс ренч“ и уби едно лице, а повредени се осуммина, пренесуваат американските медиуми.

Две осомничени лица се приведени по нападот во средното училиште, кое има околу 1.850 ученици, информираше заменикот шериф на округот Даглас. Се смета дека нападот го извршил 18-годишен ученик, кој и самиот одел во ова училиште.

Оружениот напад во средното училиште започнал вчера во попладневните часови по локално време. Осомничениот влегол во внатрешноста на училиштето и пукал во две различни училници. Според информациите од медиумите, единствениот загинат е 18-годишен ученик. Неколку од повредените се во критична состојба, меѓу кои е и едно 15-годишно дете.

Инцидентот повторно го вознемири овој дел од САД, кој пред само неколку месеци ја одбележа 20-годишнината од оружениот напад на средното училиште „Колумбајн“, кое се наоѓа на оддалеченост од десетина километри од „СТЕМ Хајландс ренч“.

Претходно, сите училишта во округот Даглас беа затворени на 17 април, кога властите се обидуваа да го пронајдат лицето од сојузната држава Флорида, кое предупредуваше дека е инспирирано од нападите во „Колумбајн“ и дека ќе направи нов масакр. Се испостави оти станува збор за жена која се закануваше дека ќе убива студенти, која потоа извршила самоубиство со огнено оружје.