Недостигот од храна, но и нејзиното производство се од витално значење за државите од двете страни на Атлантикот. Во овој процес, Брисел и Вашингтон веќе подолго време ги судираат политиките за наметнување правила како и на кој начин во иднина ќе изгледа производството на храна

Сојузниците сериозно се конфронтираат околу глобалното земјоделство и производството на прехранбени производи

Европа и САД веќе подолг период имаат различни гледишта за тоа како во иднина на двете страни од Атлантикот ќе изгледа производството на храна и прехранбени производи. Во овој правец, раководствата во Брисел и во Вашингтон имаат голем број недоразбирања во делот на тоа како треба да изгледаат идните правила за „игра“, по кои земјоделците, но и прехранбените компании ќе произведуваат и ќе пласираат храна на двете страни од Атлантикот.
Во трката за намалување на штетата што земјоделството ја предизвикува врз климата, Европската Унија (ЕУ) и САД се фатија во костец за тоа како да се трансформира глобалниот систем за производство на храна, а нивните визии во дуелот околу производство на здравата храна може да значат дека сите ќе загубиме. Ова, меѓу другото, во своја анализа го потенцира угледниот магазин „Политико“, кој наведува дека светот може да навлезе во нова „битка“ меѓу двете земјоделски суперсили, но овој пат тоа да биде околу начинот на производство на храната.
Според пишувањата на магазинот, американскиот удар е насочен кон европската стратегија „Од фарма до трпеза“. Стратегијата на ЕУ, според Вашингтон, дава приоритет на одржливоста со намалување на употребата на пестициди при производството на храна до 2030 година и зголемување на органската здрава храна, што за Америка и американските произведувачи е нереална политика. Ваквата политика на Европа, според САД, ќе придонесе за намалување на трговијата во иднина меѓу земјите од Америка и од ЕУ, но и опаѓање на светското производство на храна за 11 отсто, токму поради регулативите што Европа сака да ги примени.

САД прави своја коалиција за производство на (не)органска храна

Во таа насока, според пишувањата на медиумите, САД неодамна претставија нова меѓународна коалиција за зголемување на производството на храна на одржлив начин, како дел од Самитот за системи за храна на ОН.
Според информациите во медиумите, Америка сака да ги обедини земјите, првично од Јужна Америка, но и дел од Азија да не се придружуваат на политиките на ЕУ при производство на храна, кои наложуваат земјоделците повеќе да произведуваат органска здрава храна. Така, Вашингтон планира да преовладува во битката со меѓународните стандарди за производство, со што при трговијата дополнително ќе си ги штити американските првокласни брендови за производство за храна.

ЕУ со свои „зелени сојузи“ за здрава храна

Од друга страна, пак, европските медиуми пишуваат дека во моментов Брисел прави свои „зелени сојузи“ со држави за пласирање и производство единствено на поквалитетна органска здрава храна. „ЕУ обсервер“ на оваа тема информира дека ЕУ во моментов има мисија да создаде своја коалиција со земји што не се членки на Унијата и да им наложи политики тие да се придружуваат кон производство единствено на храна без употреба на пестициди.
– Брисел на големо работи околу формирањето на регулативите за производство и трговија на органска храна. Овие политики, иако ќе го заштитат во иднина здравјето на луѓето, можат да предизвикаат пад на светската трговија со храна, но и недоволно количеството храна во светот – наведува бриселскиот медиум.
Во меѓувреме, речиси десет проценти од светската популација, односно 821,6 милиони луѓе не можат да дојдат до доволно количество храна. Поголемиот дел од оваа популација е во региони каде што нема политичка стабилност, каде што има војни и внатрешни конфликти, наведува последниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство при ООН (ФАО).
Според ФАО, 462 милиони возрасни лица минатата година во светот се бореле со неисхранетост и глад, а повеќе од 205 милиони деца под петгодишна возраст се или гладни или нивната телесна тежина е многу мала во споредба со нивната возраст или висина. Извештаите покажуваат дека дури 45 проценти од децата што умираат на возраст под пет години низ светот, умираат поради недоволна исхрана или од глад.