За првпат, Виктор Орбан, премиер на земја-членка на ЕУ, се најде на списокот на „непријатели на слободата на печатот“ на организацијата „Репортери без граници“ (РСФ).

На списокот објавен денеска има 37 шефови на држави и влади кои, според РСФ, значително ја поткопале слободата на печатот.

Нови на списокот, покрај унгарскиот премиер, се и претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, саудискиот принц Мохамед бин Салман и лидерката на Хонгконг Кери Лам. Во образложението, РСФ наведува дека Орбан е непријател на слободата на печатот од доаѓањето на власт во 2010 година, тој ги користи методите на политички и економски махинации, уништување на угледот, како и принудување на автоцензура, со цел да ги контролира медиумите, се додава во извештајот.

Од доаѓањето на власт, според РСФ, Орбан ги ставил медиумите под контрола чекор по чекор, а Јавниот сервис е централизиран во рамките на државниот медиумски холдинг МТВА. Регионалните медиуми се во целосна сопственост на пријателите на Орбан од 2017 година, а најважните независни медиуми се затворени.

На списокот „непријатели на слободата на печатот“ на РСФ се и претседателот на Русија, Владимир Путин, како и претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, но и претседателот на Кина, Си Џинпинг.

– Додадовме нови имиња во сите региони на светот – рече директорот на РСФ, Кристијан Мир. Тој рече дека методите за контрола на медиумите се различни, но тие служат за истата цел – да се спречи критичното известување по секоја цена.