Може ли Виктор Орбан да балансира помеѓу притисокот од Европската Унија и кохезивноста на Унгарија, се прашува „Нешнл интерест“, земајќи ги предвид конфликтите на унгарскиот премиер со ЕУ во пресрет на парламентарните избори во државата.

– По комунистичката бирократија, не сакаме нови диктати, овој пат од Брисел, а не сакаме ниту да ја напуштиме ЕУ. Tие не можат ниту да се ослободат од нас така лесно. Сакаме да го зачуваме нашиот суверенитет и не сакаме да се најдеме во соединетите држави на Европа, туку да имаме интеграција – истакна Орбан во текот на неговата изборна кампања, со што ваквиот став сугерира оти Унгарија не сака да ја напушти ЕУ, туку да ја реформира одвнатре.

Ова е само последниот во низата судири на Орбан со ЕУ, откако тој се противеше на усвојувањето на буџетот на ЕУ, застана на страната на Полска во спорот со Унијата по прашањето на владеењето на правото, а инстистира и на унгарскиот закон за заштита на децата, кој наиде на неодобрување од Брисел.

– Со засилувањето на изборната кампања во Унгарија, пак, станува очигледно која страна ЕУ претпочита да победи, а постојаните притисоци од Брисел ќе настојуваат да го либерализираат конзервативниот модел на Орбан – пишува „Нешнл интерест“.

Претстојните парламентарни избори затоа ќе претставуваат тест за „Обранизмот“ како одржлив модел, а се поставува прашањето колку долго унгарскиот лидер ќе остане во ЕУ, без да биде управуван од ЕУ, ако ја задржи власта.