Унгарскиот премиер Виктор Орбан го осуди однесувањето на европратеникот Јозеф Сајер од неговата партија Фидеш, по учеството на Сајер во секс-скандал во Брисел, кое доведе до обвинувања од унгарската опозиција за лицемерие, објавува „Гардијан“.

 – За она што го стори нашиот претставник Јозеф Сајер, нема место во вредностите на нашето политичко семејство. Нема да ја заборавиме ниту негираме неговата 30-годишна работа, но неговата постапка е неприфатлива и неодбранлива – кажа Орбан синоќа, додавајќи дека Сајер, кој е познат како негов близок соработник, ја напуштил партијата, откако веќе поднесе оставка на функцијата во Европскиот парламент.

Владата на Орбан во изминатата деценија воведе закони кои ги оневозможуваат правата на ЛГБТ-заедницата, а Сајер лично учествуваше во промената на унгарскиот устав во 2011 година, со која бракот е дефиниран како институција помеѓу маж и жена.

Таквиот негов став е особено проблематичен, откако беше фатен од полицијата при бегство од секс-забава во Брисел на која присуствувале дваесетина мажи, која белгиските медиуми ја оквалификуваа како „хомосексуална оргија“. Групата на Фидеш во Европскиот парламент преку соопштение ја осуди постапката на Сајер.

Пред да се огласи Орбан, унгарските министри ги избегнуваа прашањата на медиумите за Сајер, при нивното доаѓање на средба на владиниот кабинет. Пред унгарската влада беше поставен и полициски кордон со цел да ги спречи новинарите од поставување на дополнителни прашања. Краток одговор даде единствено унгарската министерка за правда Јудит Варга истакнувајќи дека „Сајер ја направил единствената исправна одлука по скандалот, а оти се друго е негова лична работа“.

Унгарските опозициски партии ја користат приликата за да го прикажат скандалот како доказ за лицемерноста на Фидеш, но се чини дека водечките владини претставници одлучија да го тргнат Сајер настрана и да чекаат скандалот да помине.