Унгарија ќе искористи референдум за своите измени на законот за заштита на децата со цел да ја зајакне својата позиција против Брисел, кажа денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој во изјава за државното радио рече дека оваа стратегија досега покажала резултати во односите со Брисел, бидејќи благодарение на референдумот за миграциските прашања од 2016 година не се воведени задолжителни квоти за прифаќање бегалци, а оттогаш ниту еден мигрант не се населил во Унгарија.

– Не ми е гајле што вели Брисел за нашиот закон за заштита на децата и не сакам Венецијанската комисија да се меша во тоа како Унгарците ги воспитуваат своите деца – рече тој.

Орбан наведува дека Унгарија морала да го користи сопствениот здрав разум, бидејќи во Европа, како што тврди, „постои лудило, бран на непочитување на правата на родителите да ги воспитуваат своите деца“, вклучително и прашањето за нивното сексуално образование.

„Владата може да ги заштити интересите на земјата само доколку Унгарците ги поддржат нејзините напори“, заклучи Орбан.