Европска Унија и е потребна на Унгарија и обратно, но ЕУ треба да се откаже од „кошмарното сценарио за Соединети Европски Држави, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан по полагањето заклетва, откако Парламентот во Будимпешта го реизбра на функцијата. 

Орбан, во говорот пред пратениците рече дека ерата на либералната демократија е завршена и дека неговата Влада ќе гради „христијанска демократија“.

– Ја заменивме пропаднатата либерална демократија со христијанска демократија на 21-от век, која гарантира народна слобода и безбедност, истакна Орбан, кој е на власт од 2010 година.

Според него, таквата демократија поддржува традиционални семејства – модел маж и жена, спречува антисемитизам и овозможува економски раст.

Орбан најави борба против квотите на ЕУ за прераспределба на мигранти, но и против демографскиот пад на својата земја.

– Ќе се спротивставиме на обврските за квоти за населување мигранти… и ќе се бориме да ја заштитиме границата, порача тој.

Орбан истакна дека ЕУ „мора да крене раце од илузорниот кошмар за Соединети Европски Држави и да се спушти на земја, во реалноста“, а како прв чекор во тој правец, според него, мора да биде промената на начин на размислување на Брисел околу миграцијата.

Партијата на Орбан, ФИДЕС на изборите одржани во април освои 133 од 199-те места во Парламентот.