Унгарија гледа знаци на надоаѓање на нов мигрантски прилив и како земја која е „порта на Балканот“ има интерес „работите да се одвиваат добро“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Навистина гледаме знаци… на приливот кој надоаѓа – изјави Орбан во интервју за унгарското државно радио „Кошут“.

Тој нагласи дека новиот прилив ќе претставува предизвик и иако Унгарија успеала да го спречи влегувањето на мигрантите, нејзините соседи „не се заштитени и потребна им е помош“.

– Како резултат на тоа Србија ќе биде сметана за стратешка земја, а и Македонија ќе биде подеднакво важна – додаде Орбан.

Според него, на европскиот континент во тек е „префрлање на населението, кое делумно се врши за да им се помогне на шпекуланите да заработат пари од уништувањето на Европа“.

– Ние не сакаме да се мешаме со другите. Нам ни е добро и вака, кога се во прашање Христијанството, јазикот, културата и начинот на живот, како и слободата на религијата и односите кон семејството и меѓу мажите и жените – порача Орбан.

Тој во интервјуто најави и дека на есен неговата Влада ќе иницира „голема ревизија на Уставот“ на Унгарија, без при тоа да напомене за какви уставни измени ќе станува збор.