Орбан (лево) имаше несогласувања со германската канцеларка Ангела Меркел

Неисполнетите ветувања на Виктор Орбан кон главниот кандидат на ЕПП на претстојните избори во Европскиот парламент, Манфред Вебер, (во врска со Централно-европскиот универзитет во Будимпешта) доведоа до создавање на подлабок јаз во односите меѓу унгарскиот премиер и германските сојузници, пишува европското издание на магазинот „Политико“.

Заладувањето на односите би можело да има поголеми последици, поставувајќи услови за можно гласање за суспендирање или исфрлање на партијата на Орбан, Фидес, од Европскиот параламент. Тоа е чекор што би можел да ја смени политичката рамнотежа во ЕУ и да ја изолира Унгарија.

– Ова може да доведе до прераспределба на партиските сили во Европскиот парламент. Но наместо да го сторат тоа пред изборите како што многумина предвидуваа, тие би можеле да бидат приморани да делуваат пред изборите – вели аналитичарот Милан Нич. 

ЕП ќе одлучува за судбината на Фидес на 20 март. Помалите партии се залагаат за исфрлање на Орбан, но тоа не е изводливо без поддршка на Германците. 

Исфрлањето на Фидес веројатно би ја чинело ЕПП десетина пратенички места во следниот состав на ЕП, дефицит што би влијаел врз напорите на партијата за поставување на Вебер за следниот претседател на Европската комисија (ЕК).

Вебер сигнализираше оти го загубил трпението со Орбан по најновите провокации на унгарскиот премиер – спорната кампања со плакатот на кој се прикажани Џорџ Сорос и претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер.

– Постои значителна промена во справувањето со Орбан. Доста е доста. Тоа е нашата порака – порача Вебер во интервју за „Шпигел“.

Манфред Вебер напомена оти може да дојде до промена на односите со Унгарија

Германските конзервативци со години наназад го поддржуваа Орбан, дури и кога унгарскиот лидер отворено пркосеше на европските вредности за да се зацврсти на власт. Орбан имаше несогласувања со германската канцеларка Ангела Меркел во врска со неговата политика за мигрантите.

Најавената промена на односите е закана за Орбан на повеќе полиња, бидејќи германските компании се меѓу најголемите инвеститори во Унгарија, но ваквата ситуација засега не влијае на унгарскиот премиер, заклучува „Политико“.