Најмалку 17 лица загинаа, а десетици се повредени во напад на екстремисти на Ал Шабаб врз хотел во Могадишу, Сомалија.

Опсадата на хотелот заврши по четиричасовна борби, кога сите напаѓачи се убиени.

„Ал џезира“ наведува дека во нападот, што завршил по неколкучасовна борба меѓу безбедносните сили и екстремистите, загинале најмалку 17 лица, додека „Си-ен-ен“ наведува дека загинале десет лица.

– Сомалиските специјални сили ја завршија четиричасовната опсада во хотел во Могадишу, откако ги убија сите напаѓачи – напиша владиниот портпарол на Твитер.

Меѓу жртвите се напаѓачите, двајца владини службеници, еден војник, тројца членови на хотелското обезбедување, четворица цивили.

Десетици луѓе се повредени, според извори од болницата.

Милитантната група Ал Шабаб ја презеде одговорноста за нападот на хотелот „Елит“ на плажата Лидо, кој започна со самоубиствен бомбашки напад.

Вооружени припадници на групата потоа влегоа во борба против безбедносните сили, објави претходно „Ројтерс“.

Портпаролот на Министерството за информации Исмаил Мухтар Омар изјави претходно дека во нападот загинале двајца напаѓачи, двајца помлади директори и тројца цивили.

Шефот на службата за итна помош, Амин Абдикадир Абдирахман, претходно изјави за „Ројтерс“ дека службата превезла 28 повредени лица од местото на несреќата пред да започне размената на оган.