Обединетите Нации предупредуваат дека околу два милиони луѓе во Сомалија се под ризик од глад поради најтешката суша во земјата по 2011 година и воедно бараат поголема поддршка од меѓународната заедница, пренесува „Ал џезира“. Долгогодишните конфликти и недостигот на инвестиции го нарушија капацитетот на Сомалија да се справи со постојаните хуманитарни кризи, па дури и со сушите кои зачестија и се интензивираа, а од друга страна, дождовната сезона носи големи поплави.
Во изјавата на ООН се вели дека околу 2,6 милиони луѓе веќе беа принудени да ги напуштат домовите како резултат на природните катастрофи и конфликтите. Поради последната криза, многу луѓе сè уште не можат да ги надоместат штетите од долгата суша во 2017 година што ја втурна земјата на раб на глад.