Повеќе од 117 милиони деца би можеле да пропуштаат вакцинирање против сипаници, бидејќи пандемијата „ковид-19“ принуди голем број луѓе ширум светот физички да се дистанцираат, а истовремено е голем притисокот врз здравствените служби, предупредуваат здравствените агенции на Обединетите нации.

Кампањите за вакцинирање против сипаници веќе се одложени во 24 држави, а ќе ги има и повеќе, така што децата во 37 земји низ целиот свет ќе бидат изложени на опасност од зараза со вирус на сипаници, според Иницијативата за борба против сипаници поддржана од Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ.

– Поради ширењето на „ковид-19“, можеби ќе треба да направиме тежок избор и да ја одложиме вакцинацијата против сипаници. Затоа, ги повикуваме здравствените лидери со засилени напори да водат сметка за невакцинираните деца ширум светот, за да добијат вакцина против сипаници што е можно поскоро – се вели во соопштението на групата.