Русија и Кина денеска ставија вето на резолуцијата поддржана од убедливо мнозинство на земји-членки на Советот за безбедност на ОН, со која се бара прекин на огнот во северозападната сириска провинција Идлиб, последното упориште на бунтовниците во Сирија.

Резолуцијата бара постапките против бунтовниците да бидат во согласност со меѓународното хуманитарно право, објави агенцијата АП.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, во Советот рече дека целта на резолуцијата, подготвена од Германија, Белгија и Кувајт, е да се спасат меѓународни терористи кои се забарикадирни во Идлиб до конечниот пораз.

Германскиот амбасадор, Кристоф Хојсген, одговори дека поддржувачите на резолуцијата се решени да се борат против тероризмот, но инсистираше на тоа дека операциите мора да обезбедат заштита на цивилите, како што налага меѓународното право.

Резолуцијата беше поддржана од 12 од 15 члеки на Советот за безбедност, а Екваторска Гвинеја беше воздржана.

Наскоро треба да се гласа и за друга резолуција која повикува на прекин на огнот во Идлиб, предложена од Русија и Кина.