Концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата повторно достигна рекордно ниво, се вели во денешниот извештај на ОН.

Концентрацијата на јаглерод диоксид (ЦО2) во 2020 година била 149% повисока од прединдустриското ниво, се наведува во годишниот Билтен за стакленички гасови на Светската метеоролошка организација (ВМО).

Иако пандемијата на ковид-19 предизвика привремен пад на нови емисии, истата нема забележително влијание врз стакленичките гасови кои веќе се во атмосферата. Наместо тоа, продолжил постепениот тренд на зголемување на стакленичките гасови што беше забележан во изминатата деценија, пишува „Си-ен-ен“.

– Со сегашната стапка на зголемување на концентрацијата на стакленички гасови, до крајот на овој век ќе имаме пораст на температурата што е далеку над целите на Договорот од Париз од 1,5 до 2 Целзиусови степена над прединдустриските нивоа“, рече генералниот секретар на ВМО, Петери Талас.

– Јаглерод диоксидот останува во атмосферата со векови, а во океанот уште подолго. Последен пат ваква концентрација на ЦО2 на Земјата имало пред 3 до 5 милиони години, кога температурата била повисока за 2 до 3 Цилзиусови степени, а нивото на морето за 10 до 20 метри повисоко од сега. Но тогаш немло 7,8 милијарди луѓе -, додаде Талас.

Нивото на метан и азотен оксид исто така е на рекордно ниво, односно на 262% и 123%, соодветно, во однос на нивото од 1750 година.

– Мерењата на стакленички гасови се како почеток на сообраќајна несреќа. Катастрофата е сè поблиску и поблиску, но не можете да ја спречите – вели Јуан Нисбет од Универзитетот Ројал Холовеј во Лондон.