Вкупно четири милијарди луѓе во Азија, што е 92 отсто од населението во регионот, дишат опасно отровен воздух, објавија денеска организации на ОН и предложија серија чекори за намалување на емисиите по цена од стотици милијарди долари.

Од седум милиони предвремени смртни случаи годишно ширум светот кои се поврзани со хемикалиите и честичките во воздухот, четири милиони се случуваат во Азија, соопштија организациите во извештај објавен на почетокот на конференцијата на ОН за здравјето и квалитетот на воздухот во Женева.

Додека индустриите и градовите во Азија брзо растат, луѓето страдаат од болести и умираат поради причини поврзани со загадувањето, во многу поголем степен отколку во другите региони, соопшти Светската здравствена организација.

– Несреќен е фактот дека дишењето чист воздух, најосновната човекова потреба, стана луксуз во многу делови на светот, изјави Ерик Солхајм, шеф на Програмата за животна средина на ОН.

Организациите предложија зголемување на еколошките стандарди за возила, електрани и фабрики.

Покрај тоа, треба да се намалат емисиите кои сè уште не се опфатени со политиките во многу азиски земји. Ова вклучува намалување на горењето на отпад, спречување на шумски пожари и управување со животинско ѓубриво.

Организациите истакнуваат дека чиста енергија за приватни домови и подобрување на јавниот транспорт треба да станат приоритети за развој во Азија.

Се проценува дека мерките ќе чинат меѓу 300 и 600 милијарди долари годишно, но, исто така, ќе отворат работни места, и ќе го подобрат земјоделското производство и економскиот раст.