Обединетите нации синоќа повикаа на прекин на насилството во Ирак каде петти ден по ред се одржуваат протести во кои загинаа скоро 100 луѓе, повеќето од нив демонстранти.

– Пет дена мртви и повредени. Тоа мора да запре. Оние што се одговорни за насилството треба да сносат одговорност – напиша на Твитер шефицата на Мисијата на ООН во Ирак, Жанин Хенис-Плашарт.

Комисијата за човекови права на ирачката влада соопшти претходно дека околу 100 лица, повеќето од нив демонстранти, биле убиени, а 4.000 повредени во антивладините протести што почнаа во вторникот.

Во повеќето случаи, демонстрантите биле убиени од огнено оружје, соопштија болнички извори, додавајќи дека загинале и шест полицајци.