Околу 2.500 деца се наоѓаат во сирискиот камп Ал Хол откако побегнаа од последното упориште на т.н. „Исламска држава“ изјави денеска хуманитарниот координатор на ОН за кризата во Сирија Панос Мумцис.

Тој истакна дека државите мора да преземат одговорност за враќањето на своите граѓани и за процесуирање случаи, кога тоа е потребно.

– Навистина никој не би требало да биде без државјанство и треба да се вложи напор за да се пронајде решение за овие луѓе, истакна Мумцис на прес-конференција во Женева.

Децата живеат со околу 10.000 луѓе кои не се државјани на Сирија или Ирак во „ограничен дел на кампот“, со кој управуваат Курди, а во кој се наоѓаат вкупно 75 илјади луѓе.

Меѓу 260 лица кои од декември досега починале од болест или неухранетост – 211 биле деца.