Вo делови во Јемен, акутната неухранетост кај децата е на највисоко ниво, што ги засулува предупредувањата дека земјата се приближува кон страшна криза за храна, предупредуваат ОН.

Неухранетоста во Јемен се влоши и во текот на годинава, бидејќи пандемијата на коронавирусот, економскиот пад, поплавите, ескалацијата на конфликтот дополнително ја влошија веќе безнадежната состојба поради глад по скоро шест години војна.

– Од јули предупредуваме дека Јемен е на работ на катастрофална криза со храна. Ако војната не заврши сега, се приближуваме кон неповратна ситуација и ризикуваме да умре цела генерација на мали деца во Јемен – рече Лисе Гранде, координатор за хуманитарни работи на ОН во оваа земја.

Според класификацијата на ОН за ситуацијата со неухранетост во јужен Јемен, во извештајот IPC (Integrated Food Security Phase Classification) се наведува дека случаите на акутна неухранетост на деца под петгодишна возраст се зголемиле за околу 10 проценти во 2020 година, на повеќе од половина милион.

Случаите на деца со тешка акутна неухранетост се зголемиле за 15,5 проценти, а најмалку 250.000 бремени жени или доилки имаат потреба од третман поради неухранетост.

Околу 1,4 милион деца на возраст под 5 години живеат во јужен Јемен, што е под надзор на меѓународно признаената јеменска влада. Сè уште не се достапни податоците за северен Јемен, каде живеат повеќето Јеменци, а територијата е контролирирана од Хутите под иранско влијание.