Висок официјален претставник на ОН предупреди дека Европа ќе се соочи со нова мигрантска криза ако ситуацијата во Либан, земја опустошена од економската криза и внатрешните судири, не се реши пред да стане пропадната држава, пренесува „Брејтбарт“.

Јан Кубис, висок претставник на ОН во Либан и поранешен министер за надворешни работи на Словачка, предупреди дека кризата во земјата има потенцијал да испрати нови мигрантски бранови во Европа велејќи дека политичарите во ЕУ треба да работат на стабилизирање на ситуацијата за да ги поттикнат помладите Либанци да останат во својата земја.

– Либан е на брегот на Медитеранот. Само видете што се случува сега. Видете ги брановите миграција што ги создаваат многу други земји. И која е дестинацијата? Тоа е Европа. Политичарите во Европа мора да разберат дека колку повеќе ќе поддржат реални реформи во Либан, под услов да навлезе во вистински реформи, толку подобро за нив затоа што може да ја стабилизираат ситуацијата во таков степен што ќе им даде перспектива на помладите Либанци да останат во сопствената земја – рече Кубис за „Скај њуз“.

Кубис рече дека економската криза има потенцијал да стане безбедносна криза и дека ќе резултира во Европа да има комбинација на Сиријци, кои сè уште се како бегалци тука, како и на многу други, почнувајќи од Либанците.

Либан е потресен од граѓански немири од октомври минатата година кога владата предложи серија нови даноци за време на економската криза, вклучувајќи даноци на бензинот, тутунот, па дури и на апликацијата за пораки „Вацап“. Земјата изгуби над 200.000 работни места од почетокот на економската криза и речиси 10 отсто од сите бизниси во Либан се затворени.

Либанската фунта изгуби третина од својата вредност, што доведе до пад од 9 милијарди фунти во банкарските депозити во првите 11 месеци од 2019 година. Банките во Либан воведоа и ограничувања во повлекувањето на капиталот, со тоа што некои банки го ограничуваат повлекувањето на само 150 фунти на секои две недели.

Новата влада, предводена од Хасан Дијаб, поранешен професор, е формирана за да се справи со растечката криза. Сепак, министерот за надворешни работи на Либан, Насиф Хити, предупреди дека ситуацијата може да ја доведе земјата на патот да стане неуспешна држава.

– Ние сме многу свесни за овие многу сериозни проблеми со кои се соочува земјата: економска, финансиска криза, со силни општествени последици со текот на времето и дефинитивно може да има политички последици во смисла на хаос или што и да се случи потоа – изјави Хити.