Агенција за деца при ОН денеска соопшти дека бројот на случаи на злоупотреба и експлоатација на деца во Либан е речиси двојно зголемен во изминатата година поради економскиот колапс на оваа земја од Блискиот Исток, пренесува Анадолија.

Либан се соочува со сериозни внатрешни предизвици од крајот на 2019 година, вклучително и огромна депресијација на валутата, како и недостиг на гориво и лекови.

– Поради сиромаштијата, родителите се принудени многу рано да ги испраќаат своите деца на работа и да ги мажат своите ќерки“, соопшти УНИЦЕФ.

– Мислам дека тоа не е прифатливо и може да се спречи. Мислам дека навистина не можеме да го искористиме изговорот за политичка и финансиска криза за да го оправдаме ова прекршување, рече Најат Маала М’џид, специјална пратеничка на ОН за насилство против децата, која е во посета на Либан.

М’џид повика да се ревидираат законите за да се обезбеди заштита, како што е казнувањето на детските бракови, а социјалната заштита да се прошири и на децата и да се институционализира.

– Сите знаеме што треба да направиме. Значи, прашањето е зошто не го правиме тоа, рече таа, додавајќи дека се состанала со либански претставници за да ја нагласи итноста на работите.

УНИЦЕФ проценува дека секое осмо семејство во Либан ги испраќа предвремено своите деца на работа. Податоците на УНИЦЕФ и националните агенции покажуваат дека четири отсто од девојките во Либан на возраст меѓу 15 и 19 години се во брак.

Бројот на случаи на злоупотреба и експлоатација на деца се зголеми од 3.913 на 5.621 меѓу октомври 2020 година и октомври 2021 година.

Во меѓувреме, над 1,8 милиони деца живеат во она што се нарекува повеќедимензионална сиромаштија, што вклучува недостиг на пристап до основни услуги. Многумина го напуштиле училиштето, а други се повеќе живеат на улица.

– Ова е криза без преседан за децата, рече претставничката на УНИЦЕФ во Либан Јукие Мокуо, повикувајќи на акција. – Во спротивно ќе изгубиме една генерација. Ќе ја изгубиме иднината на Либан, истакна таа.