Експертите оценуваат дека пресудата на Комитетот за човекови права на ОН претставува правна пресвртна точка и момент што ги отвора вратите за идни барања за заштита за луѓето чии животи и добросостојба се загрозени од глобалното затоплување. Се проценува дека десетици милиони лица ќе бидат раселени од глобалното затоплување во наредната деценија, наведува „Гардијан“

Комитетот за човекови права при Обединетите нации пресуди дека е незаконски владите да ги враќаат луѓето во земји каде што нивните животи би можеле да бидат загрозени од климатските промени. Експертите оценуваат дека пресудата претставува правна пресвртна точка и момент што ги отвора вратите за идни барања за заштита за луѓето чии животи и добросостојба се загрозени од глобалното затоплување. Се проценува дека десетици милиони лица ќе бидат раселени од глобалното затоплување во наредната деценија, наведува „Гардијан“.

Пресудата на Комитетот се однесува на случајот со Јоан Теитота, жител на пацифичката земја Кирибати, која се смета за една од најзагрозените земји од растечките нивоа на морето. Тој побарал заштита во Нов Зеланд во 2013 година, тврдејќи дека неговиот и животот на неговото семејство се загрозени. Комитетот ги разгледал доказите за пренаселеност на островот Јужна Тарава, каде што живеел Теитота, укажувајќи на фактот дека населението таму се зголемило од 1.641 лице во 1947 година на 50.000 лица во 2010 година, како резултат на зголеменото ниво на морето, поради што другите острови станале ненаселиви, што, пак, довело до насилство и социјални тензии. Тој истакнал дека неговиот живот е загрозен ако останел таму, бидејќи процените говорат дека Кирибати може да станат ненаселиви во наредните десет-петнаесет години.

Судот на Нов Зеланд го одбил барањето за заштита на Теитота. Истовремено, Комитетот на ОН ја поддржал одлуката на Нов Зеланд, врз основа на фактот дека временската рамка од десет до петнаесет години може да дозволи интервенции на властите на Кирибати, со помош на меѓународната заедница, за афирмативни мерки за заштита и, онаму каде што е потребно, релокација на населението.

Сепак, експертите истакнуваат дека пресудата на комитетот го отвора патот за други барања врз основа на закана по животот од климатската криза.
– На лично ниво за Јоан и неговото семејство тоа е лоша вест, бидејќи очигледно е пресудено дека неговото тврдење оти неговото право на живот е загрозено на Кирибати не е доволно цврсто. Но тие тврдат дека не било доволно цврсто врз основа на неговите лични услови и доказот презентиран пред судот, а потоа тие дадоа неколку силни изјави, објаснувајќи ги улогите и одговорностите на државите, дека ќе има меѓународна одговорност на другите влади да не ги враќаат луѓето на места каде што нивниот живот е во ризик поради промените предизвикани од климата – оценува Кеј Шуце од „Амнести интернешнел“.

И додека пресудата формално не е обврзувачка за земјите, таа посочува на правните обврски што ги имаат земјите во согласност со меѓународното право.

– Тоа што е важно тука и зошто ова е голем случај, е фактот дека Комитетот признава дека без голема акција за климата, во еден момент во иднината на владите, во согласност со меѓународното право, ќе им биде забрането да ги враќаат луѓето на места каде што нивниот живот е изложен на ризик или каде што би се соочиле со нечовечки или деградирачки третман – изјави Џејн Мекадам, директорка на центарот за меѓународно право за бегалците при Универзитетот во Нов Јужен Велс.
Шуце додава дека пред судовите на Нов Зеланд има десетици слични случаи во кои лица, претежно од Тувалу и Кирибати, тврдат дека последиците од климатската криза влијаат на нивното право на живот.

– Пораката во овој случај е јасна: островските држави од Пацификот не треба да бидат потопени под вода пред да се активираат овие обврски за човекови права. Сметам дека ќе бидеме сведоци на сѐ поголем број вакви случаи – заклучува Шуце.