Обединетите нации издвоија 100 милиони долари за борбата против гладот, особено предизвикан од пандемијата на коронавирусот. Ова меѓу другото се вели во соопштението на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи, јави АП. Марк Лоукок, шеф на канцеларијата за координација на хуманитарни работи, рече дека 80 милиони долари ќе бидат поделени меѓу Авганистан, Буркина Фасо, Демократска Република Конго, Нигерија, Јужен Судан и Јемен, додека преостанатите финансии ќе бидат насочени за Етиопија, каде што сушите може да ја влошат и така веќе кревката состојба во земјата.
Извршниот директор на Светската програма за храна, Дејвид Бисли, рече дека светот минува низ бурни времиња.
– Затоа треба да го изостриме нашиот фокус и да ги зголемиме нашите напори, за да ги избегнеме критичните проблеми како гладот, дестабилизацијата и миграцијата – напиша извршниот директор Бисли на социјалната мрежа Твитер.