ОН го осудија новиот „суров и нехуман“ закон, што во среда ќе стапи во сила во Брунеј, со кој се предвидува каменување до смрт за на истополов однос, брачно неверство и силување и отсекување на екстремитетите за кражба.

– Ја повикувам Владата да го спречи стапувањето во сила на овој нов законски кривичен законик, кој претставува сериозно прекршување на заштитата на човековите права за луѓето во Брунеј- изјави високиот комесар на ОН за човекови права, Мишел Бачелет.

Со новиот Кривичен законик во Брунеј се предвидува смртна казна со каменување на лицата што ќе имаат истполов однос или ќе извршат брачно неверство или силување, како и отсекување на десната рака на крадец првпат фатен во кражба и отсекување на левата нога, доколку изврши втора кражба.

Организациите „Хјуман Рајтс Воч“ и „Амнести Интернешанл“, исто така, го осудија новиот Кривичен законик и предупредија дека тоа ќе го намали престижот на земјата и може да доведе до одлив на туристи и инвеститори.

Брунеј е апсолутна монархија со население помалку од половина милион луѓе, лоцирана на островот Борнео. Таа е една од најбогатите земји во светот, а приходите главно доаѓаат од извозот на нафта и природен гас.