Генералното собрание на Обединетите нации побара од Велика Британија во рок од шест месеци на Маврициус да му го врати архипелагот Чагос, каде што се наоѓа британско-американска стратешка воена база.

ОН ја изгласа резолуцијата на иницијатива на Маврициус. Таа не е обврзувачка, но има политичка вредност. „За“ гласале 116 земји, шест гласале „против“, меѓу нив и САД, а 56 биле воздржани.

Архипелагот Чагос се наоѓа во центарот на повеќедецениски спор по британската одлука од 1965 година да го раздвои архипелагот од Маврициус и да постави воена база заедно со САД. Велика Британија протерала околу две илјади луѓе од Чагос во Маврициус и Сејшелите во текот на 60-ите и 70-ите години за да направи место за воена база.

Маврициус стекна независност од Велика Британија во 1968 година и од тогаш бара да му биде вратен архипелагот.

Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека не го признава суверенитетот на Маврициус над Чагос и дека стои зад веќе кажаниот став дека ќе ѝ го врати архипелагот на оваа држава кога повеќе нема да биде потребен за одбранбени цели.

-Заедничката британско-американска база ѝ помага на Британија и на светот во борбата против тероризмот, организираниот криминал и пиратите, тврди Лондон.