Пo објавувањето на нецелосните официјални резултати од парламентарните избори во Германија денеска рано наутро, социјалдемократите (СПД) и нивниот кандидат за канцелар, Олаф Шолц, инсистираат да формираат влада и на ЦДУ/ЦСУ им порачуваат дека е време да се оди во опозиција.

„Гласачите испратија јасен сигнал – тие сакаат влада на зелените и либералите, предводени од социјалдемократите. Унијата повеќе не треба да биде во владата, туку треба да замине во опозиција“, рече кандидатот за канцелар на СПД, Шолц, по утринскиот состанок на претседателството на партијата.

Актуелниот вицеканцелар и министер за финансии рече дека Германците со своите гласови ставиле до знаење дека сакаат т.н. коалиција на семафорот (социјалдемократи, либерали и зелени).

Генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбејл, го нарече чиста шега инсистирањето на ЦДУ/ЦСУ за формирање влада по загубата од над осум проценти во споредба со претходните избори и најлошиот остварен изборен резултат во историјата.

Уште во неделата вечерта, за време на ТВ-дебата за формирање идни коалиции, Шолц даде до знаење дека гласачите дале јасен сигнал дека сакаат на власт да ги видат победничките партии. СПД, либералите и зелените, за разлика од Унијата, добија поголема поддршка од гласачите на парламентарните избори во неделата отколку на последните избори во 2017 година.

Според привремените официјални резултати, СПД освои 25,7 проценти од гласовите, што е 5,2 проценти повеќе пред четири години. Сличен успех постигна и Партијата на зелените со 14,8 проценти, што е подобрување од 5,8 во споредба со минатите избори. Либерално-демократската партија (ФДП) освои 11,5 проценти, што е 0,8 проценти подобро отколку во 2017 година.

Во исто време, Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ освои 24,1 проценти, што е 8,9 проценти пониско отколку во 2017 година.

Меѓу губитниците е и деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АФД), која освои 10,3 проценти, што е 2,3 проценти послабо отколку пред четири години. Партијата Левица исто така загуби голем број гласови и со 4,9 проценти падна под изборниот праг од пет проценти, но благодарение на директните места останува во Бундестагот.