Шесте блокови на окупирани улици во Сиетл сега познати како „Организираниот протест Капитол Хил“ или „ЧОП“, станаа средиште на антирасистичките протести во САД, предизвикувајќи охрабрување, но и загриженост, пишува „Гардијан“. Но, Сиетл не се наоѓа првпат во центарот на вниманието при протестите.

Градот има долго минато исполнето со општествени движења и протести кое датира уште од генералниот штрајк во 1919 година. Мирниот шестдневен штрајк вклучуваше толку голем број на работници кои ги напуштија работните места заради барање на подобри работни услови, што Сиетл беше парализиран.

Тоа го означи Сиетл како силно упориште на работничките движења и на радикализмот, според Џејмс Грегори, професорот по историја на универзитот Вашингтон. До 30-те години на минатиот век Сиетл и останатиот дел од сојузната држава Вашингтон ја стекнаа својата бунтовничка репутација.

Оттогаш, таму имаше собири на движењето на Црните пантери и антивоени демонстрации во 60-те и во 70-те години. Во 1999 година Сиетл беше домаќин на конференцијата на Светската трговска организација и привлече национално внимание кога учесниците на конференцијата беа пречекани од 50 илјади демонстранти кои се противеа на институцијата,која ја сметаа за закана за работничките права и за животната средина.

Денес, со создавањето на заедницата на контролираниот простор на „ЧОП“, Сиетл уште еднаш ја потврди својата бунтовничка репутација.

„ЧОП“ која првично се нарекуваше „Чаз“ дојде во центарот на вниманието по низата судири меѓу демонстрантите и полицијата кои кулминираа со напуштањето на полициската станица во областа од страна на припадниците на полицијата.

Улиците на самопрогласената зона без полиција сега се под контрола на демонстрантите, со што се организираат бројни говори, предавања и прикажувања на филмови. Низ областа исполнета со барикади има знаци со натписите „Ова е само почеток“ и „Запомнете за кого се бориме“, како и со слоганот „Црните животи значат“.

Беа истакнати и повеќе барања за време на окупацијата, но главните три вклучуваат намалување на финансирањето на полицијата, користењето на тие пари за инвестирање во здравствените услуги во заедницитата и отфрлање на криминалните обвиненија против учесниците во протестот.

Откако беше основана „ЧОП“, се појави широк спектар на дезинформации раширени од страна на десничарските медиуми и конзервативните политичари, кои ја окарактеризираа заедницата како закана за државата. Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека „Антифа“ и другите екстремни левичарски милитантни групи го заземале градот без отпор од мекото водство на демократите кое не преземало ништо“.

Полицијата на Сиетл соопшти дека непријателската толпа ги спречила да дојдат до двајца повредени во пукање, по што едното лице им подлегнало на повредите, според последните информации.

„ЧОП“ е лоциран во предградието Капитол Хил кое претставува магнет за протести, односно е познато и како упориште на ЛГБТКЈУ заедницата. Успехот на „ЧОП“ го отвора прашањето зошто алтернативните движења се појавуваат токму во Сиетл.