Околу 2.000 верници кои го славеа Мавлид, роденденот на пророкот Мухамед, излегоа на улиците во градот Лахоре во источен Пакистан.

Собраните, предводени од исламски партии, скандираа антифранцуски пароли, носеа транспаренти и ги блокираа главните патишта на патот кон храмот Суфи, јави АП.

Десетици луѓе бесно ги газеа знамињата на Франција и бараа бојкот на француските производи.

Во Мултан, град во источната пакистанска провинција Пенџаб, илјадници луѓе ја запалија фигурата на францускиот претседател Емануел Макрон и побараа Пакистан да ги прекине врските со Франција.

Подоцна денес се планираат неколку митинзи во Пакистан, вклучително и во главниот град Исламабад, каде е ангажирана полиција за да се спречат можните демонстрации пред француската амбасада.

Други исламистички протести се очекуваат низ целиот регион, вклучително и во Либан и Појасот Газа.

Во Авганистан, членовите на исламистичката партија Хезб-и-Ислами го запалија знамето на Франција.

Нејзиниот водач, Гулбудин Хекматиар, го предупреди Макрон дека ако не ја контролира ситуацијата, тие ќе одат во Трета светска војна, а Европа ќе биде одговорна.