Околу 1.000 сириски бегалци од кампот Рукбан, што се наоѓа во пустинската областа на југоисточна Сирија близу границата со Јордан, денеска во придружба на припадници на владините сили, со автобуси се упатија кон источен Хомс во централниот дел на земјата.

Како што соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, бегалците ќе бидат префрлени на територија под контрола на властите во Дамаск.

Префрлањето на бегалците го потврди и Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните активности во Сирија (ОЦХА), која соопшти дека „неутврден број луѓе“ се упатиле од кампот Рукбан кон Хомс.

Портпаролот на ОЦХА, Хедин Халдорсон за ДПА изјави дека изминативе недели од кампот Рукбан заминале најмалку 3.400 бегалци.

Хуманитарниот активист Имад Гали, пак, соопшти дека во Рукбан во многу лоши услови и натаму се сместени околу 30.000 бегалци, кои одбиваат да заминат во подрачјата под контрола на сириските власти и сакаат да бидат префрлени во провинцијата Идлиб во северозападна Сирија, која е контролирана од бунтовниците.

Повеќето од овие бегалци потекнуваат од источна Сирија, кои побегнаа од своите домови кога тоа подрачје го освоија борците на џихадистичката група Исламска дражва (ИД). Нивна цел била да заминат во Јордан, но властите во Аман ја затворија границата за прием на бегалци во јуни 2017, по нападот врз граничен пункт при што загинаа шестмина јордански војници.

Според хуманитарните активисти, поради недостиг на медицинска заштита лани во кампот Рукбан починале најмалку 20 лица.