Себастијан Курц за време на официјалната посета на Скопје во 2018 година/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најавеното повлекување на Себастијан Курц од политиката доаѓа по соочувањето на поранешниот австриски канцелар со бројните скандали и политички превирања на домашната сцена во изминатите неколку години, а би можело да ја остави Македонија без еден од најверните сојузници од ЕУ, доколку тој ја оствари намерата за преземање на позиција во приватниот сектор.

Курц во повеќе наврати изрази силна поддршка за европскиот пат на сите земји од Западен Балкан и инсистираше на што поскоро почнување на пристапните преговори со Македонија и со Албанија. Згора, тој имаше обраќање на изборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ со цел да изрази поддршка за тогаш владејачката партија во пресрет на парламентарните избори во 2016 година, по што се соочи со критики. Курц тогаш ја пофали владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за справување со мигрантската криза, за време на која Австриецот остро ја критикуваше политиката на ЕУ.

Политичкиот вундеркинд кој стана лидер на Австрија на 31-годишна возраст, се издигна на политичката сцена преку имиџот на енергичен функционер кој му овозможи да стекне широка поддршка од различните генерации. Курц оддаваше впечаток дека е поинаков од останатите политичари. Тој не само што вети дека ќе направи револуција во австриската политика, туку ги убеди Австријците дека е сериозен во неговите намери. Харизматичниот политичар создаде систем што критичарите го нарекуваат „куќата на Курц“ – тесно поврзана мрежа на негови лојалисти во владата, приватниот сектор и во медиумите, кои тивко соработуваат на заедничка корист.

Тој беше еден од најмладите лидери во Европа во 2017 година, кога оформи коалиција на неговата Партија на народот (ОВП) со десничарската Партија на слободата. Коалицијата се распадна по скандалот „Ибица“ во 2019 година, но Курц потоа победи на следните вонредни избори. Скандалот „Ибица“ изби пред изборите за Европскиот парламент во врска со видео-снимки од 2017 година, на кои лидерот на Партијата на слободата (ФПО), Хајнц Кристијан Штрахе, на наводна Русинка која се претставила како роднина на руски милијардер, и нуди државни функции за финансиска поддршка на неговата партија.

Курц поднесе оставка остаква на канцеларската функција во октомври годинава за да ја спаси владината коалција од колапс, откако еден од помалите коалициски партнери побара негово повлекување кога стана јасно дека тој е цел на истрага под сомнение за корупција.

Познавачите на состојбите сметаа дека Курц ќе се одржи на власт, наспроти неодамнешниот пад на неговиот рејтинг и скандалите, кои ја доведоа во прашање неговата политичка иднина. Но, по се изгледа дека Курц го плати цехот од бројните афери на австриската политичка сцена. По неговата одлука за повлекување, оставки набргу најавија австрискиот канцелар Александар Шаленберг и министерот за финансии Гернот Бимел, со што продолжува уривањето на „куќата од карти“ на Курц. М.Ж.