Саут чајна морнинг пост

Иако се работи само за еден збор, сепак е тешко да не се забележи во Северна Кореја. Го има на безброј пропагандни знаци, присутен во десетици државни медиуми, во сите емотивни поп-песни и го споменуваат сите туристички водичи кои ги покажуваат спомениците изградени во негова чест.

Се работи за зборот „џуче“ и иако технички е политичка идеологија, може повеќе да се смета како религија, според неговата способност да инспирира посветеност кај Севернокорејците и поради неговата сеприсутност како симбол за државна моќ. Иако зборот во превод значи „самоувереност“, концептот збунува многу странци.

Пјонгјанг слободно го користи терминот, вклучувајќи и претходно во ОН каде што на годишното генерално собрание ќе се обрати и негов претставник. Нацијата ги нарекува нуклеарните бомби „драгоцен меч“ на џуче. Новопретставените оружја користат „џуче ракети“. На тестирањето на новиот ракетен лансирач во август беше најавен „брзиот развој на одбранбената индустрија во насока на џуче“. На една караоке-забава во Пјонгјанг, гостите можат да одберат најмалку две песни поврзани со џуче: „Juche Iron Is the Best“ и „The Way of Juche Is the Way of Korea“.

Со џуче дури се пресметуваат годините, па така ова е 108 година на џуче, затоа што поминаа 108 години од раѓањето на основачот на земјата Ким Ил-сунг. Иако терминот постои со години, некои набљудувачи веруваат дека неодамна беше прифатен во обновената моќ на лидерот Ким Јонг-ун, третата генерација на семејството кое владее со Северна Кореја, додека чекори со голема самодоверба на светската сцена на самитите, токму за ризиците од неговата нуклеарна програма, и покрај меѓународните санкции кои ѝ штетат на неговата економија.

Северна Кореја сега официјално „ја зацврсти самоувереноста и саморазвојот“ како нова идеолошка тема на ерата на Ким Јонг-ун кој ги презеде воените политики на неговиот татко Ким Јонг-ил, како што вели Џошуа Полак, експертот за Северна Кореја од Институтот за меѓународни студии „Мидлбро“ во Монтереј и близок набљудувач на неговата пропаганда. Тој вели дека „нејзината суштина е што независниот напредок во науката и технологијата треба да ги реши проблемите во националната одбрана и во економијата“.

Некои критичари сметаат дека џуче е успешна, но нејасно дефинирана пропаганда која ѝ овозможува на Северна Кореја да ги стимулира своите граѓани со национализам среде низата санкции додека ја избегнува одговорноста од обвиненијата за лошо водење на економијата. За секој хаос, од распадот на Советскиот сојуз, најголемиот поддржувач на Северна Кореја во 1990-тите, страшната глад од истиот период, постојаните економски санкции, секогаш постои одговор и утеха, а тоа е џуче.
Покрај слоганот, државата силно зависи од надворешна помош. На пример, Јужна Кореја потроши околу 5,8 милијарди долари за помош и економски проекти за Северна Кореја, преку владиниот фонд формиран во 1991 година за промовирање на односите меѓу двете Кореи, според државната јужнокорејска Банка за увоз-извоз на Кореја која раководи со фондот.

Стивен Хагард, експертот за Северна Кореја од Институтот за меѓународна економија „Питерсон“ во Вашингтон, наведе дека „и покрај самоувереноста според џуче, Северна Кореја одамна зависи од меѓународната заедница“.

Приоритети на Ким Јонг-ун во неговото владеење се развојот на нуклеарни бомби и слабата економија, како и постојаното истакнување на џуче во неговата пропаганда која се базира токму на нив. Странците дебатираат што всушност значи терминот во владеењето на Ким и зошто е важен. Од друга страна, Севернокорејците не се занимаваат со ова.

Ким Ченг-кјонг, шефот на здружението на општествени научници на Северна Кореја и експерт по џуче, изјави во интервју во Пјонгјанг дека „суштината на идејата за џуче е дека човекот е сам свој господар на својата судбина“. За да се сфати постоењето на неговата држава, мора да се сфати и џуче, затоа што „сите постигнувања на државата се поврзани токму со оваа идеја која е темелот на партијата и на државата“.

Кулата „Џуче“ висока 170 метри изградена во 1982 година во чест на 70-тиот роденден на Ким Ил-сунг е сведоштво за оваа идеја, а нејзиниот водич Чо Хае-ок вели дека дефиницијата за џуче е „ако некој верува во народот и се потпира на него, тогаш ќе го добие целиот универзум“.

Полак вели дека „постојат забуни околу значењето на џуче (самоувереност), затоа што Севернокорејците во реалноста се зависни од другите. Со тоа што зборот е влезен во директна употреба, тие само сакаат да ја нагласат неговата непреводливост“. Академикот Ким го поврзува џуче со амбициозната изградба на новиот станбен облакодер, која продолжува и покрај заострените санкции, па така вели дека „ако никој не сака да им помогне, сами ќе го изградат и токму тоа е моќта на џуче“.
Ким Ил-сунг е заслужен за градењето на џуче додека ја водел корејската герила во борбата против јапонските колонизациски сили додека Ким Јонг-Ил го систематизираше концептот. Со почетоците во 1970-тите години, џуче беше претставено како „највисокиот и најсовремениот модел на прогресивна идеологија што ја оправдува супериорноста на севернокорејското лидерство“. Британскиот писател Дермот Хадсон, кој уште како млад се заинтересирал за џуче, вели дека Севернокорејците ја прифаќаат оваа идеологија „затоа што им гарантира независност и ги води во градењето на ново социјалистичко општество во кое сите подобро ќе живеат“.

Превод: Билјана Здравковска