Не се остварија процените за крајот на пандемијата што ги направија експертите и обичните луѓе во една студија спроведена лани во март, велат Мајкл Варнум, Сендри Хачерсон и Игор Гросман од „Форин полиси“

Кој го процени погрешно влијанието на коронавирусот врз општеството?

Кратко по почетокот на пандемијата на ковид-19, на многумина им стана јасно дека животот ќе им се промени во корен, можеби и трајно. Дискусиите на „новото нормално“ се разгореа на социјалните мрежи, во водечките медиуми и научните публикации, но не беше јасно како ќе изгледа новото нормално. Покрај физичкото дистанцирање, работата и учењето од дома, како ковид-19 ни ги промени размислувањето и однесувањето? Дали се јави пораст на депресијата и осаменоста или луѓето станаа поотпорни и приспособливи? Дали врските се најдоа на удар, затоа што двојките поминуваа повеќе време заедно? Дали луѓето станаа поотворени за културолошката промена затоа што беа принудени да се приспособат или се свртеа кон традицијата и ритуалите?

Неочекувано влијание на вирусот

Во неизвесноста на почетокот од пандемијата, експертите, политичарите, познатите, когнитивните научници и социолозите даваа свои прогнози. Во широката студија што се спроведе лани во април, научната јавност сакаше да испита до кои размери социјалните и клиничките психолози, експерти во донесувањето одлуки, невронаучниците, економистите и политиколозите ќе успеат прецизно да го предвидат влијанието на ковид-19 врз еден сет на психолошки и бихевиорални домени што ќе се движат од задоволството од животот, осаменоста, предрасудите и насилството во САД.
Тогаш како пандемијата влијаеше врз психата на луѓето? Изненадувачки е што постојаниот прилив на наоди од истражувачките откритија покажува дека се случија многу помалку промени отколку што се очекуваше. Беше забележано речиси незначително зголемување на осаменоста, среќата во врските на луѓето се намали, но повторно се работи за многу мал тренд за разлика од она што првично се очекуваше лани во март. Основните општествени мотивации на луѓето за дружење, постигнување некаков статус, наоѓање на романтичен партнер или грижа за семејството исто така не се променија како резултат на пандемијата. Користејќи ги податоците од широки и национално репрезентативни примери, беше откриено дека се случиле многу мали промени во 10 различни домени на човечката психологија и однесување. Овие откритија беа неочекувани, особено меѓу експертите чии првични предвидувања се покажаа како неточни.

На што се должат лошите процени?

Зошто толку се разликуваа предвидувањата и очекувањата од влијанието на пандемијата врз општеството? Одговорот е што предвидувањето е тешко дури и особено за експертите. Во неколку минати наврати за прогнозирање кои датираат од 1980-тите години до денес, Филип Тетлок докажа дека експертите генерално потешко предвидуваат геополитички настани. Сличен став делат Даниел Канеман и неговите колеги кои открија неколку когнитивни предрасуди кои доведуваат експертите да даваат погрешни прогнози, вклучувајќи ја пренагласената улога на тековните настани, со тоа што прерано донеле заклучоци и потешко го промениле нивниот став во однос на новите докази. Аматерите исто така не остварија подобри прогнози заради брзото донесување на одлуки. Дали ова значи дека луѓето треба да го игнорираат советот на психолозите и на социолозите? Одговорот сепак е не, затоа што има безброј примери на успешно применување на теоријата и истражувањето од овие сфери во реалните светски проблеми. Прогнозирањето е само еден подвид на експертизата и можеби најтешкиот.

Како да станеме подобри во прогнозите?

Дали можеме да развиеме техники за подобро предвидување? Токму Тетлок ја истражува темата на таканареченото суперпредвидување. Луѓето со ваква способност сосема поинаку размислуваат од преостанатите. Тие поотворено ја нагласуваат неизвесноста, сакаат да слушнат спротивни ставови и да ги обноват ставовите врз основа на новите докази. Студиите покажуваат дека слични стратегии за резонирање го подобруваат капацитетот за прогнозирање на сопствените реакции во иднина и тренирањето на објективноста исто така може да даде свој придонес. Истражувањата покажуваат дека практиката е мајка на знаењето која далеку ја подобрува точноста во прогнозирањето. За жал, психолозите и социолозите генерално го претпочитаат објаснувањето пред предвидувањата. Во доменот на психологијата, дури и предвидувањата се прават теоретски и типично се ограничени на исходот од даден експеримент или статистичка анализа. Во психологијата ретко се среќава предвидување надвор од она што е достапно за анализа, а уште поретко е предвидувањето што не е базирано на резултати. Едноставно кажано, психолозите не се доволно обучени за да прават прогнози за крупните светски предизвици, но барем во иднина може да се посветат повеќе на практиката токму во оваа област.