Здравствените власти во САД вчера одобрија нов лек за третман на Алцхајмеровата болест. Ова е прва одобрена терапија за болеста во изминатите 20 години и им даде надеж на милиони луѓе ширум светот, пренесуваат светските медиуми.

Администрацијата за храна и лекови (ФДА) објави дека го одобрила лекот „адуканумаб“ за третман на Алцхајмеровата болест, кој е развиен од компанијата „Биоген Инкорпорејтед“.

Ова е единствениот лек одобрен од американските регулатори за лекување на основната причина за болеста, односно таложењето на наслаги во мозокот. Новиот лек е произведен од живи клетки, кои болните ќе ги примаат преку инфузија.

Но, одредени експерти предупредуваат дека третманот не е ефективен и побараа да се спроведат дополнителни клинички истражувања со цел да се потврдат придобивките од овој лек.

Групите што ги застапуваат пациентите со Алцхајмерова болест изјавија дека било која нова терапија, дури и онаа која нуди мала корист, е добредојдена за нив.

– Ова е само еден дел од сложувалката, и мислам дека сите овие други опции треба да се истражат и да бидат проучени – изјави д-р Роналд Петерсен, специјалист за деменција.

Истражувачите сѐ уште немаат откриено што точно ја предизвикува Алцхајмерова болест, но постои широка согласност дека се работи за мутации на гени во мозокот, а наталожувањата на масти во мозокот кои ги цели „адуканумабот“ претставуваат само еден фактор за појавува на болеста. Сѐ повеќе докази покажуваат дека семејната историја, образованието и хроничните состојби, како што се дијабетесот и срцевите заболувања, исто така играат улога.

„Биоген“ не ја откри веднаш цената на лекот, иако аналитичарите проценуваат дека тој може да чини од 30.000 до 50.000 долари за едногодишно лекување.