Финската агенција за нуклеарна безбедност му даде дозвола на петтиот нуклеарен реактор во таа земја да започне пробна работа со мала моќност, пренесува агенцијата „Бета“, повикувајќи се на бриселскиот портал „Еурактив“.

Реакторот Олкилуото 3 (OЛ3) треба да започне со редовно производство на електрична енергија во јуни 2022 година и ќе биде најголемиот реактор во Европа.

Се очекува реакторот да го зголеми енергетскиот капацитет на Финска за 1.600 мегавати, што би покривало приближно 15 отсто од потрошувачката на електрична енергија во земјата. Максималното производство на електрична енергија од ветер во Финска, за споредба, е 2.500 мегавати.

Со почетокот на работата на реакторот Олкилуото 3, уделот на електричната енергија произведена од нуклеарните централи ќе се зголеми на приближно 40 проценти во Финска.

Реакторот, кој се наоѓа на западниот брег на Финска, во голема мера ќе ја подобри енергетската независност на земјата, која увезува струја од Шведска и Русија. Колку и како тоа ќе се одрази на сегашните цени на енергенсите сѐ уште е неизвесно.

Реакторот требаше да биде завршен во 2009 година со вкупна цена од 3,2 милијарди евра. Конечните трошоци за изградба 13 години подоцна се проценуваат на 8,5 милијарди евра.