Одметнатиот генерал Халифа Хафтар стекна моќен непријател додека неговата повеќемесечна офанзива за освојување на либискиот главен град Триполи е во полн налет, судејќи според последните изјави на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, која ја најави можноста за испраќање на воена помош на владата на либискиот премиер Фајез ал Сараж.

Ердоган даде уверливи сигнали дека Турција ќе испрати трупи за да ја поддржи меѓународно признаената влада на Либија, истакнувајќи дека меѓународните спогодби помеѓу двете држави се „предзнак на чекорите кои следат“, пишува канадски „Нешнл пост“. Турскиот парламент минатата недела усвои пакт за одбрана на администрацијата на ал Сараж. А владејачката партија веќе изработува предлог што ќе овозможи испраќање на војска во Либија, кој се очекува да биде претставен пред парламентот на почетокот на јануари.

Вчерашната изненадна посета на турскиот лидер на Тунис, веројатно вклучувала средби и со властите на Либија, сугерираат познавачите на состојбите. Ердоган и претходно ја најавуваше можноста за испраќање војска во Либија, но сега не остави простор за сомнеж.

– Ако постои покана, секако дека ќе ја разгледаме – кажа турскиот лидер на прес-конференцијата.

Ердоган смета дека Хафтар „нема политички легитимитет. Водачот на либиските бунтовници е поддржан од околу седум илјади платеници во неговите напори за стекнување на контрола врз главниот град. Силите на Хафтар контролираат делови од југот и истокот на Либија. Воената морнарица на Либиската национална армија на Хафтар во саботата заплени цивилен брод со турска посада, кој беше пуштен во два дена подоцна, откако не било пронајдено оружје при претресот. 

Владата признаена од Обединетите нации минатата недела побара од меѓународната заедница да заземе јасен став против нападите на Хафтар врз Триполи. Хафат тргна во офанзива на главниот град на 4 април, но се пробие подалеку од периферијата на Триполи. Тој најави одлучувачка битка за заземање на градот на 12 декември, а во петокот им даде на властите ултиматум од три дена да се предадат. Според податоците на ОН, околу една илјада луѓе ги загубија животите по почетокот на борбите, а најмалку 5.000 беа повредени.

По симнувањето од власт и смртта на Моамер Гадафи во 2011 година, во Либија се појавија две струи што се борат за власт. Турција, Катар и Италија се во сојузништво со владата во Триполи, додека Хафтар кој командува со силите во источна Либија е поддржана од Франција, Русија, како и од Египет, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, според тврдењата на светските медиуми.