Во тек е судењето на Брентон Тарант, терористот кој уби 51 лице во нападот врз две џамии во Крајстчрч на Нов Зеланд, минатата година. Семејствата на жртвите во судницата за првпат се соочија со убиецот на нивните најблиски, пренесува „Гардијан“. 

– Одлучив да ти простам господине Тарант, бидејќи во срцето немам омраза, ниту одмазда. Штетата е направена, мојот син Хусеин нема да се врати – изјави Хана Езат, чиј син беше убиен во џамијата Ал Нор. На нејзините зборови, Тарант изгледаше како да покажува емоции, за разлика од досегашните соочувања со роднините на неговите жртви, каде тој само се потсмевнуваше и ги гледаше со тап поглед.

Една од мајките чиј син беше убиен во нападот му се обрати на Тарант, велејќи дека тој не постигнал ништо, а светот нема да ги оправда неговите постапки. 

– Вие ја убивте мојата хуманост и не верувам дека светот ќе ви прости. Мислевте дека можете да нѐ скршите, но не успеавте во тоа – изјави Мејсон Салама, чиј син беше убиен во нападот.

За некои од роднините на жртвите, нападот на Тарант оставил сериозни последици и тага.

– Откако мојот сопруг и најстар син беа убиени, не можам мирно да спијам. Не можам ни да излезам на прошетка, од страв дека постапките на Тарант инспирирале некој друг да земе оружје – вели Абрим Наим. 

Наим  во интервју со „Гардијан“ изјави дека нејзиниот сопруг и најстар син Талха биле добри луѓе, донори на крв и правеле сѐ што можат за да помогнат на другите. 

– Убиецот се обиде да нѐ исплаши, но негова цел беа ведри луѓе. Тој нѐ направи посилни и поведри. Поради тоа, ние ќе бидеме уште подобри – вели Наим.

Тарант се очекува да биде осуден утре, а тој е првиот Новозеланѓанин кој под сегашните закони на земјата, се соочува со доживотен затвор без можноста за условна казна.