Харви Вајнстин сакал да сведочи и да ја каже својата верзија на настаните, но одбраната го разубедила од неговата намера, на судењето на кое американскиот филмски продуцент се соочува со обвиненија за сексуално злоставување, пренесува „Њујорк тајмс“.

Според неговиот портпарол, Вајнстин и неговите адвокати речиси 30 минути приватно се консултирале, а Вајнстин изразил желба да ја изнесе својата верзија на настаните, но неговите адвокати го разубедиле, советувајќи го да не ризикува со сведочењето. 

Откако тие се вратиле во судницата, изјавиле дека го завршиле излагањето на одбраната, што значи дека поротата од седум мажи и пет жени ќе донесе одлука заснована врз излагањето на обвинителите и тврдењата на сведоците на одбраната. 

Доколку Вајнстајн сведочеше, тоа ќе беше незгодно за неговите бранители, а извесно е дека тој ќе беше подложен на исцрпувачко вкрстено испрашување од страна на обвинителите. Неговите бранители исто така тврдат дека обвинителите се вклучиле во целиот сексуален скандал, со цел да напредуваат во нивните кариери.

Шест жени го обвинија Вајнстин за сексуално злоставување. Тој ги негираше сите обвиненија, а неговите адвокати тврдеа дека секој наводен сексуален напад, всушност бил консензуален однос. Ако биде осуден за сексуален напад, Вајнстин се соочува со доживотна затворска казна.

Правниот тим на Вајнстин побара од судијата да им забрани на обвинителите споменување на помагалото за одење на Вајнстин во нивните завршни зборови. Правните експерти велат дека често се случува обвинетиот да биде прикажан како безопасен или да се прави разлика меѓу сегашниот и неговиот претходен изглед во време на стореното кривично дело, што може да резултира со поблага казна, дури иако обвинетиот е прогласен за виновен.

– Помагалото за одење е непотребно, бидејќи Вајнстин претходно во судницата дојде  само со бастун. Помагалата се само реквизит кој служи за залажување и добивање помала казна – вели главниот обвинител Хуан Илузи.

Вајнстин беше подложен на операција на ’рбетниот столб во декември минатата година, на неколку недели пред почетокот на неговото судење, поради што не може да оди исправено и мора да користи помагало за движење. Операцијата била неопходна затоа што Вајнстин имал силни болки во грбот по сообраќајната несреќа во август минатата година.