Популарноста на социјалистичките идеи и демократскиот социјализам во Соединетите Американски Држави, забележливо преку ставовите на Бени Сандерс дека „не треба да постојат милијардери во Соединетите држави“ или дека ќе дојде денот кога тие „нема да постојат“, ја возбуди американската конзервативна и либертарианска интелектуална средина.  Особено на критика се најдоа предлозите за оданочување на богатите.

Последен таков пример е пишувањето на Дејвид Р. Хендерсон во периодичното списание „Хувер дигест“  кој го поставува прашањето за оправданоста и ефикасноста на зголемувањето на даноците за богатите.  Хендерсон вели дека социјализмот „можеби ненадејно изгледа кул, но конфискацијата на богатството е едноставно погрешно – и не им помага на сиромашните“.

Дејвид Р. Хендерсон

Според авторот „погрешно е да се земе богатството на луѓето кога тие го заработиле, па дури и наследиле“ и овој данок ќе биде контрапродуктивен бидејќи ќе ги обесхрабри луѓето да создаваат богатство и да го користат своето богатство на помалку продуктивен начин. Хендерсон исто така вели дека врз основа на „правичноста и економската благосостојба, данок на богатството е лоша идеја“.

Авторот го поставува прашањето – Што сакате да имате: Бил Гејтс кој изгради компанија што создава продукти и буквално сите не прави попродуктивни, или Бил Гејтс кој во осумдесеттите години на минатиот век, одлучува да не го развива „Мајкрософт“, и наместо тоа, да ги земе своите милиони и да купи убава куќа?  

Хендерсон истакнува дека оданочувањето на богатите е лоша идеја и се надева дека Сандерс и Ворен ќе ја платат цената за нивниот напад врз богатите.