Крадци извеле кражба на банка во која имало дијамантски накит користејќи ја канализациската мрежа на белгискиот град Антверпен, во подвиг достоен на холивудските филмови, пренесува „Гардијан“.

Полицијата била вчудоневидена кога пристигнала во банката „Парибас“ во неделата, поради вклучениот аларм, односно кога забележала оти вратата на банката била неоштетена и немало никакви траги од криминална активност.

Полицијата ја сфатила сериозноста на провалата, откако полицајците влегле во трезорот, каде што нашле 30 испразнети депозитни сефови, а на подот имало дупка која водела до канализацијата мрежа од тунели што поминуваат под банката. Истрагата сè уште е во тек, а точната украдена сума доправа треба да биде проценета.

Банката е лоцирана во најпрочуената област за дијаманти во светот, која има годишен обрт од 54 милијарди долари, информира „Гардијан“.

– Во банката најдовме тунел кој се поврзува со канализацискиот систем, а потоа пронајдовме друг тунел кој води до градба од каде што крадците го почнале копањето – изјави Вилем Мигом од полицијата во Антверп.

Засега нема уапсени, ниту осомничени кои се поврзуваат со злосторството.