Рабинот Шломо Хофмајстер гледал со ужас од неговиот дом како вооружениот напаѓач влегува и излегува од кафулињата и пабовите пукајќи кон луѓе кои дошле да уживаат во последната вечер пред да стапи на сила полицискиот час во Австрија на национално ниво, пренесува Си-ен-ен.

– Тој се движеше како професионален, трениран убиец. Тој не изгледаше збунето и не пукаше случајно, туку насочено и координирано, како борец. Потоа, во следните 15 или 20 минути, слушнав истрели од подалеку. И, како што дознавме подоцна, имало пукање на неколку места – изјави Хофмајстер. 

Тој повикал полиција од неговиот дом и им рекол дека вооружен напаѓач трча кон луѓето во баровите, пукајќи. Полицијата во Виена за Си-ен-ен изјави дека сè уште е непознато дали во нападот учествувал осамен вооружен напаѓач или двајца или повеќе напаѓачи. 

Џими Ероглу, кој работи како келнер, опиша како гостите кои седеле надвор одеднаш почнале да влегуваат во ресторанот, додека истрелите одекнувале.

– Прашав што се случува и ми рекоа дека има вооружен напад. Чувме 15 до 20 истрели, па се заклучивме со гостите во кафулето додека да пристигне полицијата. Не ми се веруваше што се случува. Ова го гледаме во САД, Авганистан и во Ирак, но не во Австрија – вели Ероглу. 

Реџеп Таип Гултекин, Австриец со турско потекло, вели дека бил со неговиот пријател во центарот на австриската престолнина кога ги слушнале истрелите. Тргнале во правец на пукотниците и виделе вооружен напаѓач како пука. Инаку, двајцата се ММА борци со живеалиште во Виена, а поради нивната храброст, станаа херои следниот ден по ужасниот терористички напад во австриската престолнина.

Тој и неговиот пријател, Микаил Озен, виделе полицаец ранет во судирот и  го однеле до брзата помош бидејќи медицинските екипи не можеле да се приближат до местото поради пукањето. Други двајца полицајци се обидувале да го заштитат повредениот полицаец и се обиделе да ги задржат двајцата ММА борци назад, но тие во секој случај помогнале и го однеле до брзата помош. Тој исто така вели дека ѝ помогнал на една постара жена која се нашла таму и ја преместиле на безбедно место.

– Го направивме она што мислевме дека е потребно. Да се повтори истото денес, ќе го сторев истото без да размислувам. Јас, како муслиман со турско потекло, сакам да кажам дека живеам во Австрија, роден сум тука, одев на училиште во Австрија и ја научив мојата професија тука во Австрија.  Бидејќи живееме во Австрија, остануваме да стоиме цврсто со Австрија – вели Озен, упатувајќи повик за единство во земјата. 

Друг сведок изјави дека излегол за последен пат да се види со пријателите пред да настапи полицискиот час во Австрија. 

– Излегов да вечерам со пријателите. Сè што сакавме да направиме е да имаме еден оброк и неколку пијалоци, да уживаме и да се релаксираме. Сега треба да испиеме пијалок за да си ги смириме нервите – вели Роберт Шнајдер. 

Во завчерашниот терористички напад изведен во областа исполнета со барови и ресторани позната како „Бермудскиот триаголник“ на Виена, беа убиени четири лица, а 23-ца беа ранети.