Апартманска зграда од 12 ката се сруши во Сурфсајд во близина на Мајами Бич за само неколку секунди, покажуваат снимките што се појавија на социјалните мрежи.

Очевидци кои ја снимиле оваа сцена велат дека моментот кога се урнала зградата ги потсетил на уривањето на кулите близначки во терористичкиот напад на 11 септември 2001 година, пренесуваат агенциите.

Видео кое се појави на Твитер, а кое подоцна беше емитувано на американските телевизии, покажува дека речиси целата зграда се урива за само 14 секунди.

Снимката снимена од станбениот комплекс лоциран преку улицата, јасно покажува како најнапред се срушил централниот дел од зградата, а потоа и десниот. За само неколку секунди, две третини од зградата ги нема, а соседството е покриено со облак од прашина.

Претходно американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во сојузната држава Флорида, по уривањето на зградата при што загина најмалку едно лице, а 99 се водат како исчезнати.

Бајден исто така нареди испраќање на сојузна помош за да се отстранат последиците од несреќата.