Мексиканските безбедносни сили во Кулиакан го фатиле синот на Хоакин Ел Чапо Гузман и го држеле на нишан клекнат на колена и притиснат до ѕид, но биле принудени да го ослободат затоа што неговите соработници почнале да пукаат.
Министерот за одбрана, Луис Кресенсио Сандовал, објави видео од неуспешната операција за апсењето на Овидио Гузман Лопес на 18 октомври, која ја посрами администрацијата на претседателот Андрес Маниуел Лопес Обрадор, пренесува „Асошиејтед прес“.

Видеото покажува како Гузман излегува од куќата со кренати раце. Војниците му наредуваат да ги прекине нападите во градот. Тој му се јавува некому по телефон и му вели да прекинат, но пукањето продолжува.

Безбедносните сили на крајот се повлекуваат за да избегнат крвопролевање.

Во судирите во градот меѓу безбедносните сили и припадници на моќниот картел Синалоа поради апсењето на Гузман загинале 13 луѓе.

Обрадор изјави дека со одлуката да се ослободи Овидио Гузман се спасиле животи и најави дека ќе биде издаден нов налог за апсење. Тој соопшти дека неговата Влада не се откажува од апсењето на синот на познатиот наркобос кога ќе се исполнат условите тоа да се направи безбедно.
Еден од најмоќните светски наркобосови, 62-годишниот Ел Чапо беше осуден на доживотен затвор плус 30 години дополнителна затворска казна.