ОБСЕ се соочува со досега невидена лидерска криза, откако периодов не успеа да постигне политички договор за продолжување на мандатите на четири највисоки позиции во организацијата. Поради тоа многумина во Европа се загрижени дали ова може да доведе до загрозување на актуелните мисии на организацијата

Политички превирања во Организацијата за безбедност и соработка во Европа

Педесет и седумте држави не успеаја да постигнат консензус за продолжување на мандатите на четири од највисоките претставници на ОБСЕ минатата недела, а од 18 јули телото е без нејзините лидери. Ова го наведува угледниот бриселски медиум „Еурактив“, кој пишува дека Организацијата за безбедност и соработка во Европа, поради политички и административни разлики меѓу челниците во колективот, може да навлезе во сериозна криза, поради која може да бидат загрозени мисиите на организацијата, но и нејзиното функционирање, кое исто така може лошо да влијае врз репутацијата на колективот за безбедност. Како што наведува бриселскиот медиум, организацијата во моментов се соочува со проблеми за избирањето на идното раководство по истекот на мандатот на швајцарскиот дипломат Томас Гремингер, кој беше назначен за генерален секретар на ОБСЕ во 2017 година. Според „Еурактив“, во моментов четирите највисоки позиции во ОБСЕ се слободни и политичкиот вакуум што беше актуелен пред три години по изборот на Гремингер, сега повторно се враќа во игра.

Медиумот потсетува дека, покрај лидерската позиција на Гремингер, трите други слободни места се на директорката на изборниот мониторинг и продемократското функционирање (ОДИХР, Ингеборг Солрун Гисладотир), претставникот за медиумска слобода на ОБСЕ (Арлем Дезир) и високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ.
швајцарскиот департман за надворешни работи во официјално соопштение предупреди дека ОБСЕ се соочува со институционална криза.
– Ова е знак за нешто непосакувано, што можеби се должи на падот во довербата во мултилатералните организации и поларизирањето на националните позиции – порача Гремингер во видеообраќањето пред да се повлече пред два викенда.
Потоа во интервју за „Ноје цирхер цајтунг“ тој изјави дека „се гледа како колатерална штета на политичката динамика“ и притоа додаде дека лидерската криза во ОБСЕ се должи на недостигот од посветеност од страна на големите сили. Според него, „еден разговор на францускиот претседател Емануел Макрон со неговиот азербејџански колега ќе направел промена, а дополнителен проблем била пасивноста покрај блокирањето на одлуките за избор на првиот човек на организацијата“.

Во меѓувреме, како што пренесуваат западните медиуми, неопходно е да се постигне политички договор за четирите нови претставници на Советот на министри на ОБСЕ, кој ќе се одржи во Тирана, во декември, за кој веќе почна процесот за номинација, а од членките беше побарано да претстават нови кандидати за четирите позиции до 18 септември. Дотогаш, албанското претседателство со ОБСЕ „ќе се погрижи да се зачува сегашното функционирање на телото преку внимателно размислување, а како дел од одговорот за итна помош да се назначат најсоодветни претставници за да ги извршуваат неопходните функции“, се вели во изјавата на портпаролот на ОБСЕ дадена минатата недела
– Ние се надеваме дека ќе се најде решение пред министерскиот состанок во Тирана – се вели во соопштението на претседателството.
Паралелно на ова, ЕУ излезе со официјално соопштение на 17 јули, во кое порача дека „одлуката за ограничен број земји што учествуваат во блокадата на предлогот ја нарушува ефикасноста на организацијата и го ослабува многу потребниот мултилатерален пристап за безбедност во Европа, што е всушност главна одлика на ОБСЕ“.

Во соопштението дополнително се вели дека „целосното функционирање, соодветното и стабилно лидерство е уште понеопходно, со оглед на многубројните тековни предизвици со кои се соочува континентот, кои поради пандемијата на коронавирусот станаа уште повеќе итни“.
Сепак, ако подолго време останат празни овие позиции, би можело да се парализира целата организација, чија главна обврска се прашањата како контрола на оружјето, заштита на човековите права, слобода на медиумите и изборниот мониторинг, наведува „Еурактив“. Медиумот додава дека празната позиција во организацијата на медиумски претставник и висок комесар за национални малцинства особено може да биде погодена затоа што наложува активна улога и е врзана за личност.