Левичарскиот кандидат оствари убедлив триумф на претседателските избори во Мексико, кои беа обележени со една од најнасилните изборни кампањи досега, во која беа убиени над 130 лица

Левичарскиот кандидат Андерс Мануел Лопез Обрадор оствари убедлива победа на претседателските избори во Мексико и порача дека следува голема промена во земјата. Бившиот градоначалник на Мексико Сити, познат по неговите иницијали Амло, ја доби поддршката на над 53 отсто од излезените гласачи. Едно од главните изборни ветувања на Обрадор беше борбата против злото на корупцијата. Тој исто така често го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, а врските со САД ќе бидат во фокусот. Односите со Вашингтон се значително затегнати, при што Трамп остро го критикува Мексико поради трговијата и миграцијата. Сепак, по објавувањето на првичните изборни резултати, шефот на Белата куќа преку Твитер упати честитки до Обрадор, пренесуваат светските медиуми.
Во обраќањето пред јавноста, 64-годишниот Обрадор вети дека ќе ги почитува граѓанските слободи и дека не планира да изгради отворена или прикриена диктатура. Некои од неговите противници стравуваат дека левичарските и популистички политики на Обрадор може да ѝ наштетат на веќе забавената економија и да го претворат Мексико во „уште една Венецуела“, која, пак, страда од длабока економска криза и незапирлива инфлација. Новоизбраниот мексикански претседател ги повика сите Мексиканци на помирување и го повтори своето изборно ветување за проверка на сите енергетски договори што имаат корупциски елементи.
– Корупцијата е резултат на декадентниот политички режим. Апсолутно сме убедени дека ова зло е главна причина за социјалната и економската нееднаквост, а корупцијата исто така е виновна за насилството во нашата земја – порача Обрадор по изборите, кои беа обележени со невидено ниво на насилство, во кое беа убиени над 130 политички кандидати и партиски работници.

Во однос на борбата со рекордно високото ниво на насилство, од кое поголемиот дел е поврзано со наркокартелите, Обрадор изјави дека ќе има дневни состаноци со неговиот безбедносен кабинет и ќе биде под негова обединета команда.
Од друга страна, во предизборната кампања новоизбраниот мексикански претседател често користеше остар јазик кога го споменуваше Трамп, но во говорот по објавувањето на резултатите, тој испрати помирувачки пораки, истакнувајќи дека ќе има „пријателски односи“.
– Ќе имаме пријателски односи и соработка со САД, секогаш втемелени врз заемната почит и во одбрана на нашите сограѓани Мексиканци што живеат и работат чесно во таа земја – истакна Обрадор.
Тој беше најкритички настроен кандидат кон Трамп и изјави дека неговите антиимигрантски политики се неодговорни и расистички. Американскиот претседател исто така го разгневи Мексико со најавата за повторно разгледување на договорот НАФТА и дека ќе изгради безбедносен ѕид по должината на американско-мексиканската граница. Тврдиот став на Трамп кон миграцијата, а особено разделувањето на мексиканските семејства на границата со САД, предизвика осуди и критики од светската јавност. Околу 2.000 деца и натаму се разделени од своите мигрантски семејства, и покрај тоа што Трамп се согласи на укинување на таквата политика, наведува Би-би-си.
Обрадор исто така се осврна и на бизнис-секторот, порачувајќи дека нема да има национализација во земјата и дека ќе го почитува приватниот сектор. Владата, според него, ќе биде фискално одговорна и нема да ги зголеми даноците. Истовремено, Обрадор вети дека двојно ќе ги зголеми пензиите за постарите по преземањето на функцијата на 1 декември, како прв чекор во, според него, борбата за намалување на јазот во нивото на примањата во Мексико.