Укината забраната: „Хуавеи“ и „Гугл“ може повторно да соработуваат

Примирјето засега сигнализира само пауза во трговскиот спор, но не и негово решавање, посочуваат аналитичарите

САД и Кина се согласија да ги продолжат трговските разговори, што ги зголеми надежите дека двете суперсили ќе успеат да го надминат спорот што негативно влијае врз глобалната економија.
Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг постигнаа договор изминатиот викенд на самитот на Г20 во Јапонија. Трамп, исто така, рече дека ќе им дозволи на американските компании да продолжат да работат со кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“, потег што се смета за значајна отстапка, посочува Би-би-си

Трамп претходно се закануваше со нови санкции за Кина. Но по состанокот со Си, на маргините на самитот на Г20, тој потврди дека САД нема да воведуваат дополнителни царини за кинеските стоки во вредност од 300 милијарди долари. Тој, исто така, рече дека ќе продолжи да преговара со Пекинг.

На прес-конференција подоцна, претседателот на САД објави дека американските компании повторно би можеле да соработуваат со „Хуавеи“, со што практично ја укина претходната забрана од американските трговски власти.

САД и Кина водат жестока и штетна трговска војна во изминатата година. Трамп ја обвини Кина дека краде интелектуална сопственост и дека ги принудува американските фирми да ги откриваат трговските тајни ако сакаат да работат во Кина. Пекинг ги отфрла таквите обвинувања. Конфликтот меѓу двете земји ескалира во пресрет на самитот на Г20, откако разговорите пропаднаа во мај. Сега, примирјето сигнализира пауза во спорот, но не и негово решавање, оценуваат аналитичарите.
Трамп изјави дека неговиот состанок со Си на Г20 бил „одличен“.

– Разговаравме за многу работи. Веднаш се враќаме на вистинскиот пат и ќе видиме што ќе се случи – рече тој.

Кинеската државна новинска агенција Синхуа го цитираше Си, кој истакнал: „Кина и САД имаат високоинтегрирани интереси и големи области за соработка и тие не треба да паѓаат во т.н. замки за конфликт и конфронтација“.
САД минатиот месец му забрани на „Хуавеи“ да купува американски производи без дозвола, вклучувајќи и од „Гугл“, што е од клучно значење за многу од неговите уреди. Забраната би можела да ја чини фирмата околу 30 милијарди долари само оваа година.

Вашингтон јавно обвини дека технологијата на фирмата претставува ризик за национална безбедност, а Трамп, исто така, спорот со „Хуавеи“ го поврза со целосниот трговски спор со Кина.

Некои аналитичари сметаат дека САД со забраната сакаат да ја ограничат моќната кинеска компанија. Одлуката на Трамп да им дозволи на американските компании да продолжат да работат со „Хуавеи“ во области каде што „нема голем проблем за националната безбедност“, пак, би можела да биде значителна отстапка, иако не се знаат сите детали. Трамп изјави дека ситуацијата во „Хуавеи“ ќе биде решена „на самиот крај“ од трговските разговори со Кина.